| четврток, 6 декември 2018 |

Иницијатива: Комбинирање автобуски и велосипедски превоз во Скопје

На иницијатива на ЈСП, се одржа средба меѓу претставници на ЈСП и „НаТочак“. На средбата претставниците на ЈСП ја презентираа идејата за интегрирање на велосипедскиот и автобускиот транспорт, а „НаТочак“ посочи на други теми кои се допирна точка меѓу овие два вида сообраќај во Скопје. Фокусот сепак беше на можноста и потенцијалите на комбинирањето на автобускиот и велосипедскиот превоз.

На средбата беше заклучено дека јавниот превоз и велосипедскиот може да функционираат како добра комбинација и алтернатива на автомобилот. Целни групи за комбинирање на превозот би биле граѓаните од приградски населби кои патуваат за работа, факултет итн. до Скопје кои би допатувале со автобус во Скопје и би го продолжиле патувањето со велосипед низ градот, потоа граѓаните на Скопје кои живеат во зони кои не се на пешачко растојание од автобуските линии и поради тоа не ги користат, па би пристигнале со велосипед до соодветната автобуска станица од каде би го продолжиле патувањето со автобус. Граѓаните на Скопје, но и посетителите, туристите, кои со велосипед би ја продолжиле туристичката прошетка откако со автобус ќе стигнат до крајните дестинации (во насока кон Скопска Црна Гора, Катланово итн.)

Комбинирањето на превозот е и во полза на Јавното сообраќајно претпријатие (зашто ќе ја зголеми достапноста до автобусите: место само пешки, ќе им се пристапува и со велосипед), во полза е и на велосипедскиот превоз (зашто ќе му ги продолжи прифатливите дистанци), на животната средина (зашто ќе се намалат штетните емисии поради зголемување на привлечноста на овие 2 превозни средства наспроти автомобилите), на туризмот (зашто ќе ја зголеми понудата за дестинации и искуства за туристите) и ваквата идеја очекуваме да наиде на широка поддршка од сите институции и пошироката јавност.

Во насока за реализација на овој проект ЈСП ќе направи истражување дали има техничка можност за монтирање на држачи за велосипеди на нивните автобуси.

Доколку постои техничка можност и се продолжи со развој на идејата, „НаТочак“ сугерираше да се спроведе анкета со цел да се испита интересот и поддршката за одредени автобуски линии на кои ќе се спроведе пилот-проектот и сугестијата беше прифатена.

Во следна фаза би се изготвило упатство за користење на држачите, како за возачите, така и за велосипедистите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top