| четврток, 6 декември 2018 |

Две можни сценарија: Што ќе биде ако Британија замине или ако остане во ЕУ

Британците в четрток излегуваат на референдум на кој ќе одлучуваат за излегување од ЕУ. Одлуката нема да донесе олеснување или хаос само на политичката сцена.

Цената ќе ја платат и глобалните финансиски пазари.

Големите и наглите варирања на вредноста на британската фунта, акциите и златото, до кои веројатно ќе дојде, претставуваат добра можност за заработка, но и голем ризик, соопшти Адмирал маркетс.

Сценарио 1: Обединетото Кралство ја напушта ЕУ

Ако в четвртокот првите резултати покажат дека мнозинството Британци гласале за напуштање на ЕУ, ќе дојде до екстремни движења на финансиските пазари.

Фунтата веројатно за неколку часа ќе ослабе за пет до 10 отсто во однос на сите останати најважни светски валути, а акциите на британските компании веројатно ќе паднат уште повеќе.

Еврото во ова сценарио исто така ќе ослабе барем неколку проценти, бидејќи излезот на Обединетото Кралство од ЕУ би предизвикало страв од распад на цела ЕУ и недоверба во заедничката валута.

Валутите кои имаат силен статус во несигурни времиња, како што се американскиот долар, швајцарскиот франк и јапонскиот јен, нагло би зајакнале во однос на другите валути, а посебно во однос на британската фунта.

Цената на златото исто така нагло ќе скокне, можеби дури и за 10 отсто во текот на денот.

Но, по почетната паника и екстремно големите варирања, во следните денови би дошло до смирување на финансиските пазари и стабилизација на курсот на валутите и цените на останатите финансиски инструменти на веројатно нешто понормални нивоа од тие кои ќе бидат достигнати во четвртокот вечерта ако дојде до Брегзит.

Сценарио 2: Обединетото Кралство останува во ЕУ

Во ова сценарио би дошло до олеснување по неколку месечното исчекување и размислување за можните последици од Брегзитот.

Веднаш при објавата на првите податоци за резултатот, би дошло до масовно затворање на продажните позиции на британската фунта кои се остварени во последните месеци, што би предизвикало нагло јакнење на британската валута.

Бидејќи инвеститорите на финансиските пазари сметаат дека веројатноста од Брегзит е нешто помала од што покажуваат анкетите, движењето на курсот на фунтата во однос на останатите валути би било нешто помало од првото сценарио.

Фунтата во првиот бран ќе зајакне веројатно само за пет отсто, но во месеците по референдумот ќе продолжи јакнењето, бидејќи британската централна банка конечно ќе може да почне да ги зголемува каматните стапки, што до сега го одложуваше поради ризикот кој референдумот го претставуваше за економијата.

Цените на акциите на британските компании исто така би скокнале за барем неколку проценти, додека цената на златото нагло ќе падне.

Валутите кои во последните недели и месеци јакнеа поради префрлувањето на капиталот во сигурни валути (најмногу јапонскиот јен), нагло би ослабиле.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top