За помалку од 24 часа, гласачите во Велика Британија ќе излезат на референдум на кој треба да се изјаснат за тоа дали земјата да остане членка на ЕУ или да гласаат за Брегзит и да ја изменат сопствената, но и современата европска историја.
Во финишот на долгата, жестока и нетипично за Велика Британија, груба кампања, никој не успеа да обезбеди предност, па на утрешното изјаснување ќе се води „мртва трка“, а победникот се очекува да зависи од одѕивот на гласачите.
Во синоќешното последно јавно обраќање до Британците, премиерот Дејвид Камерон ги повика да гласаат за останување во ЕУ.
Тој им порача на гласачите да мислат на своите деца и на нивните деца, пред да го заокружат референдумското ливче и ги потсети дека Велика Британија никогаш не се повлекува, како што тоа овој пат го бара кампањата за Брегзит, нудејќи го напуштањето на Унијата, како решение за британските проблеми.
Неформалниот лидер на кампањата за заминување од ЕУ, доскорешниот градоначалник на Лондон, Борис Џонсон, пак, повика да се гласа за Брегзит и за менување на историјата на земјата, еуфорично прогласувајќи го утрешното референдумско изјаснување за „ден на (британската) независност“.
Лондонските медиуми кои самите, претходно, се определија за едната, или за другата опција, оценуваат дека евентуалниот излез на земјата од ЕУ, би претставувало голем исчекор и предизвик за Велика Британија, многу поголем од тоа кој ќе биде победник на едни парламентарни избори.
Во 1975 година, Британците, еднаш веќе гласаа на референдум, околу тоа дали да останат во тогашната Европска економска заедница (ЕЕЗ), по само две години полноправно членство и се определија да останат во тогаш малата заедница од девет земји членки.
Сегашното изјаснување, сепак, се разликува од она пред повеќе од четири децении, затоа што се случува во сосема поинакви услови во Велика Британија и Европа, како и затоа што последиците од одлуката за заминување може да бидат потешки за Британците, а посложени за Унијата.
Целиот процес што завршува со утрешниот референдум, започна како потреба од преиспитување на односите на Лондон со Брисел,. Таа работа прв ја наметна лидерот на антиевропската Партија за независност на Обединетото кралство (УКИП), Најџел Фараж, кој од почетокот бара напуштање на ЕУ.
Неговите заложби, потоа, ги прифатија евроскептичните ториевци од десното крило на Конзервативната партија, исплашени дека маргиналната УКИП, која има само еден пратеник во Вестминстер, би можела да ги привлече ториевски гласачи во Англија, за кои се знае дека повеќето се традиоционално-евроскпетични.
Дејвид Камерон во почетокот на 2014 година, побара ревизија на британско-европските односи и вети дека ако победи на изборите во мај 2015 година, ќе организира референдум за ЕУ.
Евроскептиците во неговата партија веќе го притискаа со незадоволството дека ЕУ „секојдневно го контролора животот на Британците“, па Камерон кој неочекувано извојува уверлива победа на изборите и сам формира влада, продолжи да зборува за референдум, ветувајќи дека тој ќе се одржи до крајот на 2017 година, откако претходно Лондон и Брисел ќе договорат нов статус за Велика Британија во ЕУ.
Проценка на политичките аналитичари е дека Камерон се прецени и погреши што „пребрзо вети референдум“, верувајќи дека лесно ќе го добие, благодарејќи на добрите економски перфоманси на земјата, без да размслува дека нема сигурно мнозинство зад себе.
Како негова втора грешка се смета решението да им дозволи на петмина министри во Владата да водат кампања за Брегзит, што практично значи да водат кампања против него, како партиски лидер и премиер, самиот доведувајќи ја во прашање сопствената политичка иднина.
Од тој момент, сигурната подршка на ЕУ во британската јавност, од околу шеесетина отсто, почна полека да се топи, па преговорите што Камерон ги водеше во јануари и февруари годинава со европските лидери, наместо да ја засилат неговата позиција, станаа товар за него и за неговите сојузници.
Во тие преговори, Камерон успеа да се избори за „специјален статус“ на Велика Британија во ЕУ и за средувањето на некои од состојбите , што им пречат на британските евроскпетици, како што е високата европска имиграција и преголемите овластувања, пренесени од Лондон на Брисел.
Неговите домашни противници, меѓу конзервативците, на чие чело се наметна Борис Џонсон, кој се прекфалификува во анти-ЕУ активист, откако почна да не ги крие амбициите да го наследи Камерон, го нападнаа премиерот дека ништо не направил во Брисел и дека она што го има постигнато е премалку и не и одговара на Велика Британија.
Од тој момент, оваа група евроскпетици која како свое најсилно орудие го користи бројот на мигрантите, посебно оние од земјите членки на Унијата од Источна Европа , веќе не бараа преиспитување на односите со Брисел, туку излез од ЕУ и целосно менување на британскиот статус во земја која е дел од Европската економска облст (ЕЕА) и има пристап до заедничкиот европски пазар.
Камерон продолжи да уверува дека во преговорите успеал да добие ограничување за детските додатоци на мигрантите од ЕУ, за промени во исплатата на социјалните бенифиции, врзувајќи го тоа само ако имаат работа во Велика Британија, а за новопристигнатите е воведена обврската да престојуваат барем четири години на британска територија пред да имаат право на помош.
Велика Британија се избори и за трајно задржување на фунтата, за исклучување од сите натамошни интеграции, како и за зачувување на статусот што го има лондонскиот финански центар Сити. По британско-европските преговори, Лондон се избори и за давање „црвен картон“ на Брисел, што значи, неприфакање на некој европски закон ако тој не и одговара на Велика Британија, како и на уште 55 отсто од другите земји членки.
Ова се означува како почеток на ревизија на Лисабонската спогодба, за што Лондон ќе има повеќе истомисленици во Унијата, доколку Британците одлучат да останат во ЕУ, но групата за Брегзит бара повеќе.
Тие сметаат дека земјата треба да си оди од Унијата, бидејќи ја „загубила независноста“, нема контрола врз своите граници со напливот на европки мигранти, кои се придржуваат на основното начело дека европските државјани може да живеат и да работат во која било која земја членка, а ги плашат Британците и со создавањето „супер европска држава“.
Камерон, сепак, не е сам во „битката за Британија во ЕУ“, затоа што зад него се повеќето министри во Владата, мнозинството од конзервативните пратеници, опозициските лабуристи и либерал демократуи, зелените, шкотските и велшките националисти, како и и Шин Феин од Северна Ирска.
Сите овие, собрани во кампањата „Британија посилна во Европа“ уверуваат дека земјата има голема полза од членството во ЕУ, извезува во Унијата полесно и поевтино, има поголема сигурност во друштвото на 28 членки на ЕУ, а имигрантите од Унијата не се зло, затоа што се млада работна сила кои ја потикнуваат домашната економија и плаќа данок.
Групата за ЕУ, целата Унија, како и САД, веруваат дека ќе му се наштети на угледот на Велика Британија, ако таа замине од Унијата. Заговорачите на Брегзит, ги отрфлаат како неточни таквите ставови, но одлуката за тоа кому повеќе се верува, ќе ја донесат гласачите на утрешниот референдум.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст