На првиот ден од летото, на 21 јуни, од печат излегува книгата „Еден текст и една жена” на Оливера Ќорвезироска. Се работи за 12. издание во есеистичката едиција на издавачката куќа „Или-или“ во кое авторката, низ љубовно-критички интерпретации и ситуации, прави пресек на квалитативните примероци во современата македонска книжевност, за кои вреди да се пишува и полемизира. Во време кога книжевната критика е турната на маргините на медиумската застапеност и видливост, оваа книга претставува насушна потреба како за критичарската, така и за пошироката читателска публика.
Илустрацијата на корицата ја изработи Жани Гелевска-Велјаноска, дизајнот е на brigada.mk, а излегувањето на книгата финансиски е поддржано од Министерството за култура на РМ.
Ќорвезироска е македонска писателка и критичарка, авторка на следниве книги: „Трети кат“, „Високите бели“, (поезија), раскази за возрасни: „Страдањата на младиот лектор“, „Сплетени раскази“, „Две перници“, роман за возрасни: „Заклученото тело на Лу“, романи за деца: „Кифличката Мирна“, „Мојот брат од тринаесеттиот кат“, сликовница: „Дедо Миле“, критика и есеистика: „Отвораат ли сништата работа“, „Еден Текст и една жена“,
За „Еден текст и една жена”, Владимир Мартиноски ќе рече: „Некој рекол дека денес е полесно да најдете добри писатели отколку добри читатели. Најновата книга на Ќорвезироска е одличен показ дека е возможно да се спојат добар читател и добар писател во една личност. Снајперски прецизните поенти и согледби, втемелени врз проникливите читања на рецентни книжевни дела со кои писателката развила читателски љубовни врски се најавени уште со насловот на книгата. Благодарение на Ќорвезироска, секој толкуван книжевен текст во оваа книга добива живи и луцидни „љубовно-критички“ интерпретации низ призмата на „една жена“. Иако станува збор за критичко есеистичка книга, Ќорвезироска успеала да напише „Книга со срце“. Љубовта кон Текстот е двојно кодирана: како кон Текстот за кој се пишува, така и кон Текстот што притоа се испишува. Оваа книга е истовремено силен демант на честата теза за „смртта на книжевната критика“ во нашиот книжевен контекст”.
Лидија Димковска пак, посочува: „Во состојба на замирање на книжевната критика која претставува прекршено огледало за книжевните дела и нивни апсолутен евалватор и канонизатор, еве авторка која и покрај сопственото раскажувачко творештво несебично им се посветува и на своите современици. Кога ги читаме критичките текстови на Ќорвезироска полни со издржани ставови, со свест и одговорност за критичко вреднување, со поставување на делата во вистински книжевен и културен контекст, текстови напишани на чист и убав јазик, посакуваме да ги прочитаме и делата за кои зборува, но, исто така, денес речиси секој автор/авторка посакува за неговото/нејзиното дело да се произнесе токму Оливера Ќорвезироска”.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.