| четврток, 6 декември 2018 |

Талески во куќен притвор

taleski

Решението за куќниот притвор на градоначалникот на Битола, Владимир Талески, во попладнево пристигнало во битолската полиција, потврди СВР Битола.

Портпаролката на СВР Битола, Сања Стаматова, изјави дека полицијата ќе постапува по решението.

Од Основниот суд Скопје 1 велат дека со добивањето на решението, за Талески автоматски почнува издржувањето на куќниот притвор.

„Жалбата не го задржува извршувањето на решението за спроведување на мерката притвор“, велат од Основниот суд, што значи дека иако Талески има жалба на решението на Судот, и за тоа треба да одлучува Апелациониот суд, сепак, со доставувањето на решението почнува спроведувањето на куќниот притвор за него.

Решението за куќниот притвор за Талески беше донесено во четвртокот, а стигна во битолската полиција денеска. Граѓани од цела Македонија, организирани од Граѓанското движење за одбрана на Македонија се собраа пред Основниот суд Скопје 1 за да му изразат поддршка на Судот да не потклекне на политиките притисоци.

Талески е еден од осомничените за случајот „Транспоретер“, кој го отвори Специјалното јавно обвинителство и се товари за малверзации со превозот на учениците. СЈО бараше притвор за Талески но судија му одреди мерки на претпазливост, односно одземање на пасшот, но Кривичниот совет на судот ја преиначи одлуката и му определи куќен притвор во траење од 30 дена.

„Се забранува осомничениот В.Т. да го напушти своето живеалиште без дозвола од судот, а доколку осомничениот не се придржува на забраната, против истиот ќе се определи мерка притвор. Надзорот над куќниот притвор се наложува да го извршува СВР Битола при што овластени службени лица од подрачната полициска станица во одредени временски интервали, ненајавено во текот на 24 часа, ќе го проверуваат присуството на осомничениот во неговиот дом. За секое непочитување на решението од страна на осомничениот се задолжува надлежна полициска станива веднаш да го извести Основен суд Скопје 1 -Скопје“, се вели во решението од Судот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top