Оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентската палка на Емин Џијан и во негова оркестрација, ќе ги изведе најголемите хитови на највлијателниот поп-уметник на сите времиња Дејвид Боуви.
„Скопје за Боуви“ е насловот на годинашното, деветто издание на мултимедијалниот настан „Види музика, слушни слика, добиј книга“ во организација на Македонската филхармонија и Младинскиот културен центар.
Под отворено небо, на 23 јуни (четврток) во Градскиот парк во Скопје со почеток во 21 часот, оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентската палка на Емин Џијан и во негова оркестрација, ќе ги изведе најголемите хитови на највлијателниот поп-уметник на сите времиња Дејвид Боуви – „Let’s dance“, „China girl“, „Space oddity“, „Lazarus“, „Life on Mars“, „Ziggy Stardust“, „Ashes to Ashes“, „Rebel Rebel“, „The Man Who Sold The World“ и уште многу други незаборавни теми.
Покрај оркестарот на Македонската филхармонија, во изведба на композициите, кои овој пат ќе добијат поинаков и автентичен израз, ќе учествува и Женскиот хор при МКЦ, како и бенд во состав: Ади Имери, вокал и гитара, кој ќе ја има главната улога, Александар Поп Христов, гитара, Иван Бејков, бас, Благоја Перуновски, клавијатури и Мартин Вучиќ, тапани.
На огромните сликарски платна годинава ќе творат ликовните уметници Агрон Абдули и Ивана Младеновска, а фановите на британскиот пејач ќе добијат 20 илјади примероци од култната книга „Психоделија во предградието – Дејвид Боуви и уметничката лабораторија во Бекенам“ од Мери Финиган, која претставува приказна за почетоците на кариерата на големиот артист.
На прес-конференцијата, директорот на МКЦ, Златко Стевковски, истакна дека оваа година насловот на настанот е сосема оправдан.
„Деновиве во Сараево го направиле најголемиот мурал за Боуви, секаде во светот има и повеќемесечни одбележувања на најголемата поп-икона. Но, не забележав дека некаде неговите композиции ќе ги изведува симфониски оркестар, но и дека некој ќе објави книга којашто е веќе објавена и чијашто авторка авторските права ни ги даде без никаков надомест“, рече Стевковски.
Во книгата се поместени и оригинални фотографии од Боуви.
Директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ, рече дека на 23 јуни оркестарот и останатите уметници ќе кажат и покажат сѐ што е замислено.
„Секоја година кога треба да одлучиме што ќе изведеме на овој настан, имаме тешка задача пред нас. Но, годинава, со тимот со којшто работиме лесно ја донесовме одлуката затоа што сите сме фанови на Боуви. За жал, тоа го правиме постхумно, но знаеме дека неговата музика ќе живее вечно. Сигурна сум дека не згрешивме во одлуката и дека Градскиот парк ќе биде преполн и од љубители на неговата музика, но и од случајни минувачи кои ќе можат да ги слушнат големите хитови и во симфониска варијанта“, истакна Чанаќевиќ.
Емин Џијан прв пат ја добива улогата како диригент со оркестарот на Македонската филхармонија, каде што е вработен повеќе години како прв хорнист.
„Почестен сум што ја добив оваа улога, а особено што станува збор за проект посветен на Боуви, човекот кој верувам дека сите го сакаат. Се потрудивме да направиме добра селекција од неговуте композиции. Учеството и на хорот, како и на Ади Имери како вокалист и гитарист, ќе придонесе за еден малку поинаков звук на музиката на британската музичка икона. Се надевам дека ќе направиме фантастичен концерт“, рече Џијан Емин.
Ликовната уметница Ивана Младеновска истакна дека е благодарна за можноста да учествува на ваков голем настан.
„Задоволството е уште поголемо да се твори под влијание на прекрасниот Дејвид Боуви. Голем предизвик е да се слика на отворено, но знам дека музиката е таа којашто ќе ни помогне во инспирацијата“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст