| четврток, 6 декември 2018 |

Препораки за бремените и хронично болните од Гевгелија, Струмица, Демир Капија, Штип, Радовиш

stay-away-from-sunПрепораките од работни обврски да бидат ослободени бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години утре ќе важат само за Јужновардарскиот регион, кој ги опфаќа градовите Гевгелија, Струмица, Демир Капија, Штип,  Радовиш и околните населени места.

Како што соопшти Министерството за здравство, препораката е дадена согласно најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи, дека во текот на утрешниот ден (недела) во Јужновардарскиот регион се предвидуваат температури од портокалова фаза, додека територијата на целата држава ќе биде зафатена со температури од жолта (алертна) фаза.

– Само во овој регион остануваат да важат препораките за портокалова фаза, односно се препорачува на работодавците во овој регион доколку изведуваат работи на отворено, да го реорганизираат работното време во насока на избегнување активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот. Во овој регион, Министерството за здравство препорачува да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, како и да не се изнесуваат децата на отворено во истиот период, стои во соопштението.

За граѓаните од целата држава од Министерството потсетуваат дека е потребно да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.

Поради повисоките температури кои се најавуваат за следните денови, се напоменува дека е потребен повисок степен на внимание при подготовка и консумирање на храната.

Од Министерството наведуваат дека информации за топлотните бранови континуирано се дистрибуираат на интернет страната  www.toplotnibranovi.mk.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top