Преку 200 делегати од Македонија и Европа, претставници на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, агенциите за храна и ветеринарство, за поттикнување на развојот на земјоделството и за промоција и поддршка на туризмот, Јавното претпријатие за стопанисување со пасишта, домашни експерти од водечките научни и образовни институции, како и претставници на 30 локални организации, ќе бидат дел од презентацијата на Тера Мадре Македонија идниот викенд во Битола.
Тера Мадре Македонија е мрежа која ги обединува производителите на храна, рибарите, сточарите, готвачите, експертите, младите луѓе,… и ги претставува локалните заедници што работат на воспоставување систем за добра и чиста храна и е дел од глобалната мрежа Тера Мадре на Слоу Фуд.
Ова е првиот голем национален настан на Слоу Фуд во Македонија, кој ќе биде од отворен карактер, под мотото „Мрежа која инспирира промени“ и ќе овозможи презентација на македонскиот биодиверзитет на храна и на автентичните прехранбени производи.
– Тера Мадре Македонија е несекојдневно патување низ Македонија со помош на вкусовите. Се одржува со цел да се навратиме на старите вкусови, да ги едуцираме новите генерации дека со комбинација на задоволство, добра храна и одговорност, го гарантираме опстанокот на многу сорти, раси, производи и методи на преработка, со што се обезбедува поддршка на малите фармери и на одржливиот развој на руралните средини, вели Емилија Неделковска од Слоу Фуд Македонија.
На 30 штандови ќе се протега Пазарот на фармерите, каде ќе се претстават и петте президиуми на Слоу Фуд во Македонија, 20 производи од Арката на вкусови, производи од органски производители и производи од традиционални и занаетчиски производства. Слаткото од диви смокви, виното од станушина, буковската пипер, сирењата од мавровско-реканскиот регион, мед од македонската медоносна пчела… се само дел од „специјалитетите“ кои ќе може да се пробаат и купат.
Во две конференциски сали и 10 сесии, ќе се одржуваат дебати со фокус на биодиверзитетот на храна и малите производители, традиционалното производство на сирења, одржливото и органското производство, пчеларството, агротуризмот во функција на руралниот развој, улогата на младите во изградбата на одржлив модел на систем на храна.
Дел од програмата ќе бидат и т.н. мастер курсеви за време на кои ќе бидат промовирани занаетчиски пива, вино, мед и сирења од сурово млеко. Мастер курсевите ќе бидат место каде консументите ќе се сретнат директно со експертите од овие области и производителите, заедно ќе се едуцираат и ќе ги дегустираат производите.
Од едукативната програма за најмладите ќе биде организирана обемна програма во Павилјонот за деца, во чии рамки ќе биде поставена и зеленчукова градина.
Слоу Фуд Млади Македонија, пак, организира своја агенда на настанот, во форма на младински камп, каде младите ќе се едуцираат и ќе дебатираат за проблемите со постојниот систем на храна и ќе предлагаат решенија во насока на одржливо производство и одговорно консумирање храна. Во вечерните часови ќе бидат организирани кино проекции со филмови од двете изданија на Трпеза Филм Фестивал и журки. Кампот е планирано да заврши со Диско супа настан на плоштадот „Магнолија“.
Посебно место во програмата зазема и „Театарот на вкусовите“, каде познати готвачи, млади таленти и верни чувари на традиционалната кујна ќе ги презентираат своите готвечки вештини пред поширок аудиториум.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст