| четврток, 6 декември 2018 |

Деца за пример: Наместо за скапа облека, босанските матуранти го дадоа парите за лекување деца

maturanti bih

Матурантите од средношколскиот центар „Пале“ ја покажале својата хуманост на дело со тоа што средствата во износ од 7600 евра место да ги потрошат на скапа облека ги подариле на деца болни од леукемија. Повеќето од нив за матурата место скапи костуми и фустани облекле едноставни маици со натпис „Чекор за живот“, сакајќи на тој начин да пратат порака дека нивниот мал чекор за некого значи живот.

По дефилето по улиците на градот Пале, хуманите матуранти синоќа ја прославија својата матурска вечер. Директорот на средношколскиот центар „Пале“ Недељко Газивода изјавил за новинарите дека ја испраѓаат 69. генерација матуранти, односно осум одделенија со 188 ученици. Газивода нагласил дека оваа генерација постигнала значителни резултати, како во наставни, така и во воннаставни активноси, ја покажале и нивната хумана страна.

„Морам да истакнам дека покрај ова свечено матурантско дефиле, тие организираа и хуманитарна акција. Сите осум одделенија собраа средства наменети за деца болни од леукемија.“

Газивода вели дека матурантите ги почитуваат и разликите, бидејќи еден дел од учениците и покрај тоа што и тие учествувале во хуманитарната акција, сепак решиле да облечат свечена облека.

„Ние ги почитуваме нивните разлики и ставови и ги поддржавме во нивната одлука. Се надеваме дека ова ќе стане традиција“, вели тој, додавајќи дека ова било спој на младоста, убавината и човечноста.

Милица Вуковиќ, ученичка во таа генерација истакнува дека е горда на себе и своите другари, бидејќи успеале да спроведат на дело акција која ја промовира хуманоста, солидарноста и толеранцијата. Ученикот Стефан Соколовиќ споделува дека дошле на оваа замисла согледувајќи дека доста средства непотребно се издвојуваат на скапи фустани и костуми, па решиле да се одречат од тоа и да им помогнат на тие на кои помошта им е најпотребна.

„Желбата ни беше да им помогнеме на две деца заболени од леукемија и успеавме да собереме околу 15000 конвертибилни марки“, нагласува тој, посакувајќи им на малечките да ја победат болеста.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top