Македонија и Албанија имаат одлични билатерални односи. Двете земји делат заедничка перспектива за членство во ЕУ, а преминувањето на границата со лични карти од страна на нивните граѓани е придобивка којашто треба да ја имаат сите држави во регионот, оценија албанскиот министер за надворешни работи Алдо Бумчи и неговиот домаќин шефот на македонската дипломатија Никола Попоски на заедничката прес-конференција во Скопје.
Запрашан зошто и по 20 години од воспоставувањето дипломатски односи, Тирана се уште ја нема признаено Македонија под уставното име, албанскиот министер Бумчи со одговор дека во билатералата тие го користат уставното име.
– Билатералните односи се пример за добрососедство. Ние во нашите билатерални односи ја имаме признаено Република Македонија под уставното име и јас тука го користев името Република Македонија. Што се однесува до прашањето на името, тоа е билатерално прашање. Ние ќе ја почитуваме волјата на Македонија како и на Грција и ќе го почитуваме договорот којшто тие ќе го постигнат, рече Бумчи.
Во однос на пишувањата на грчките медиуми дека до 5 мај истекува рокот кога треба да се даде одговор на последниот предлог на медијаторот Нимиц за спорот со името и до каде е македонскиот одговор на тој предлог, министерот Попоски рече дека станува збор само за медиумски шпекулации.
– Не постои никаков рок кој е поврзан со датум кој го спомнавте или некој друг рок. Она што е во реалноста е дека Нимиц има комуникација, дека сака да се придвижи процесот. Тоа е наш интерес. Имаме многу причини зошто да сакаме тоа да биде изведено на еден нормален начин. Од наша страна сме целосно посветени на процесот, ги имаме исполнето сите оние критериуми кои се меѓународно преземена обврска, сакаме да имаме отворен дијалог со нашиот јужен сосед и мислам дека доколку таква посветеност видиме и во Атина тогаш сликата навистина би била подобра околу европските и евроатлантските интеграции. Тоа очекуваме да го видиме. Во однос на можноста за натамошна зголемена комуникација, од наша страна за тоа постои целосна посветеност, но се разбира ова е дијалог во кој имаме две страни и тоа очекуваме да биде пресликано и од другата страна, рече Попоски.
За тоа што прави албанската држава во однос на притисоците врз македонското население во Албанија што го прави националистичката Црвено-црна алијанса, Бумчи рече дека со македонското малцинство имаат одлични односи, а потврда е и неодамнешната одлука на албанскиот Парламент за враќање на старите топоними на Пустец.
– Религиозната хармонија во Албанија како и односот кон етничките малцинства е дел од нашиот кодекс. Тоа е една постојана вредност која што ја имаме, која ја почитуваат сите граѓани и е широко позната. Ние имаме одлични односи со македонското малцинство. Албанскиот парламент, како што знаете, едногласно го усвои барањето на локалното население Ликенас да се преименува во Пустец. Ние ја почитувавме нивната волја и можам да кажам дека односот со локалните органи, но и на регионално ниво е одличен, рече Бумчи.
Министерот Бумчи во рамки на дводневната официјална посета на Македонија денеска ќе се сретне со претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, со претседателот на Парламентот Трајко Вељанскои, како и со вицепремиерот за европски прашања Фатмир Бесими. Предвидено е Бумчи посетата да ја заврши со средби со лидерите на ДУИ и на ДПА, Али Ахмети и Мендух Тачи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Попоски и Димитров на „Топ тема“ ќе дебатираат за надворешната политика
-
Попоски: За разлика од Македонија, Бугарија си ги заштити своите интереси
-
Попоски: Веруваме дека договорот со Бугарија може да биде подобар без да се наштети никому
-
Никола Попоски: Потребата за договор е наметната од страна на Бугарија (видео)