| четврток, 6 декември 2018 |

Клиника за детска хирургија: Трипати му понудивме на родителот да го оперираме шестмесечното дете

Клиниката за детска хирургија денеска ги демантираше тврдењата на родителот кој преку социјалните мрежи собира средства за операција на неговата шестмесечна ќерка која има срцева мана.

Тимот доктори информираа дека досега на таткото на девојчето трипати му било понудено да се оперира на оваа клиника, но оти тој одбил интервенцијата да се изврши на оваа Клиника.

– Во моментот на интензивна нега лежат три бебиња со тежина од два ипол килограми кои се оперирани со најтешки срцеви мани. Сметаме дека детето можеме да го згрижиме во нашата клиника. Со таква аномалија, досега на нашата Клиника се оперирани 41 дете без никакви проблеми. Сметаме дека со таквите изјави и со ширењето невистини се компромитира целиот програм во оваа институција и се деморализира тимот кој се состои од огромен број експерти, изјави доктор Владимир Чадиковски од Клиниката на детска хирургија.

Тој истакна дека детето за кое се собираат средства на социјалните мрежи има срцева аномалија за која мора хируршки да се интервенира.

– Во моментот неговата состојба е стабилна, но во најскоро време ќе бара да се интервенира. Затоа му беше закажана интервенција во февруарската, априлската и во јунската мисија, нагласи Чадиковски.

Професорот Бил Нолит, кој работи заедно со тимот на Клиниката за детска хирургија, вели дека во конкретниот случај се работи за срцева аномалија кај која смртноста при интервенцијата е многу мала.

– Ниту еден кардиохирург во светот не може да гарантира дека нема смртни случаи при интервенции, рече Нолит.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top