| четврток, 6 декември 2018 |

Се гледа крајот на преговорите за Избирачкоит список

По вчерашната рунда преговори на  претставниците на  лидерската четворка се навестува можно решение за Избирачкиот список.  Средбата за излез од политичката криза меѓу  Никола Тодоров, Радмила Шекеринска, Артан Груби и Имер Алиу беше и во присуство на амбасадорската двојка, Џес Бејли и Аиво Орав, која продолжила  во резиденцијата на евроамбасадорот во Пржино.

przino

На средбата освен за Избирачкиот список се отворило прашањето и за медиумите. Извори од преговорите истакнуваат дека по првичните несогласувања за гласачите што се во странство, а за кои најзасегнати се партиите на Албанците, на повидок е решение тие да бидат евидентирани во друг избирачки список или обележани со ѕвездичка.

За СДСМ, тие гласачи се спорни и бараат тие да бидат издвоени во посебен список. За околу 42.000 гласачи, што при теренските проверки не биле најдени дома, според брифинзите од партиите-учеснички во преговорите, се лиферуваат разни информации.

Исто така постои и опции за тие гласачи да  се вршат дополнителни проверки, или доколку тие самите не се пријават дека постојат, ќе се избришат од Избирачкиот список.

Според ова се гледа крајот на преговорите за избирачкиот список, односно партиите од лидерската четворка може наскоро да се договорат.  Иако ДУИ првично се спротивставувала гласачите што се во странство да бидат на друг список, сепак се согласиле со ваквото решение со образложение дека е важно тие гласачи да не го изгубат уставно загарантираното право на глас, а не каде ќе гласаат, дали дома или во странство.

Ако овој договор стане дефинитивен меѓу четирите партии, тогаш  граѓаните што се во странство ќе бидат издвоени во друг избирачки список. Нејасно е каков ќе биде конечниот договор за 42.000 лица што при теренската проверка не беа најдени дома. Според извори од власта, тие граѓани дополнително ќе бидат проверени и нив никој нема право да ги избрише од Избирачкиот список.

Од друга страна пак опозицијата бара  тие гласачи да бидат ставени на јавен увид и доколку самите не се пријават во одреден рок, ќе бидат избришани од Избирачкиот список. Иако моделот на активна регистрација на гласачите повторно бил на маса пред претставниците на партиите како опција за сите страни да имаат доверба во Избирачкиот список, сепак не е во игра бидејќи активната регистрација е неприфатлива за ДУИ и ДПА.

За ВМРО-ДПМНЕ  Избирачкиот список не е спорен, од таму повторуваат дека тие се отворени за сите разумни предлози што би го увериле СДСМ дека листата е прочистена. Потенцираат дека СДСМ не може да инсистира пак да влезе во влада за да се чисти Избирачкиот список и оти нема логика сега да се разговара за техничка влада додека не се исполнат условите за избори.

– Се преговара за излез од кризата колку и да се противи СДСМ и да измислува милион причини и пречки за нејзино пролонгирање. На крајот од процесот најважно е СДСМ да биде изведен на чистина дека мора да се соочи граѓаните на избори и дека простор за бегање веќе нема.

Веќе нема ниту простор за манипулации, кои според с` што видовме досега имаа единствена цел – влегување во Владата без легитимитет од граѓаните. Целта е на крајот од процесот СДСМ да признае дека Избирачкиот список е прочистен и да даде гаранција дека се створени услови за одржување избори. Тоа ќе се случи порано или подоцна. Просторот за манипулации е с` потесен.

Знаат и од таму велат дека организираните протести пропаѓаат и не го даваат ефектот и мора да се најде решение – велат од партијата на Никола Груевски. За медиумите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ остануваат на претходните позиции. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нема да прифатат ништо што ќе значи каков било начин на цензура, како високи казни за медиумите, а во СДСМ инсистираат на промени во регулаторните тела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top