| четврток, 6 декември 2018 |

Илија Исајловски нов заменик министер за надворешни работи

собрание

Собранието на Република Македонија во рамките на 106. седница со 63 гласа „за“ и 19 „против“ го избра Илија Исајловски за нов заменик министер за надворешни работи. Исајловски доаѓа на местото на Драгана Кипријановска која претходно Собранието ја разреши едногласно со 67 гласа „за“.

Во образложението премиерот Емил Димитриев рече дека очекувал по излегувањето на Демократскиот Сојуз од Коалицијата „За подобра Македонија“ оставки да дадат и неговите функционери, но кога тие тоа не го направиле предложил да и се одземе мандатот на Кипријановска заради нејзиното проопозициско делување што не кореспондира со политиките на Владата и може да смета во евроинтеграциите.

За Исајловски посочи дека е професионален дипломат од кариера кој успешно ја претставувал Република Македонија во повеќе земји каде беше амбасадор. ­

-Сметам дека со Илија Исајловски Министерството за надворешни работи ќе биде значително зајакнато и дека со сето искуство што го има стекнато во минатиот период ќе помогне за подобро и функционално работење на Министерството и поквалитетно претставување на Република Македонија надвор од границите- рече Димитриев.

За пратениците од опозицијата Исајловски не е соодветно решение, има конфликт на интереси и неговото назначување е само партиска награда за работите што ги завршил. Во реплика Зоран Илиоски од ВМРО­ДПМНЕ рече дека ниту еден факт не слушнал за обвинувањата против Исајловски и додаде дека опозицијата во секоја работа и активност на Владата гледа криминал, бидејќи, како што рече, е очигледно оти така размислуваат и дека така работеле за времето на нивното владеење.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top