Арсенал и Ливерпул ќе ја отворат новата премиерлигашка сезона со дерби натпревар уште во првото коло, беше утврдено со денешната ждрепка за елитното англиско фудбалско натпреварување. „Топчиите“ се надеваат дека годинава конечно ќе го прекинат постот без титула, а веќе на стартот ќе се соочат со сериозен испит, против Ливерпул предводен од Јирген Клоп, уште еден гигант што исто така предолго е без шампионски трофеј. Ливерпул го има и најтешкиот распоред, со оглед на фактот дека во првите пет кола три пати ќе гостува во Лондон, против Арсенал, Тотенхем и Челси, во меѓувреме пречекувајќи го на домашен терен шампионот Лестер.
Избраниците на Клаудио Раниери одбраната на титулата ќе ја стартуваат на гостински терен против новиот премиерлигаш Хал, Манчестер јунајтед ќе му гостува на Бурнемаут, Манчестер сити во првото коло ќе го пречека Сандерленд, додека Челси ќе игра лондонско дерби со незгодниот состав на Вест хем.
Жозе Мурињо со екипата на Манчестер јунајтед ќе се врати на „Стемфорд бриџ“ и ќе се сретне со Челси предводен од Антонио Конте на 22 октомври, а градското дерби меѓу Манчестер јунајтед и Манчестер сити, дуел меѓу Мурињо и Гвардиола, е закажано за 10 септември на „Олд трафорд“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.