| четврток, 6 декември 2018 |

Ставрески се повлекува поради здравствени причини, Владата благодарна за соработката

stavreski

Поради здравствени причини Зоран Ставрески поднесе оставка од позицијата вицепремиер и министер за финансии во Владата на Република Македонија, пренесува МИА.

„Здравствените проблеми со кои се соочувам и советите на лекарите упатуваат на тоа дека постои неопходност од подолго лекување и закрепнување, заради што јас нема да сум во можност да ја обавувам функцијата министер за финансии и потпретседател на владата на Република Македонија”, истакнува Зоран Ставрески во оставката.

Инаку, Ставрески е дел од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ  од 2006 година на позицијата потпретседател задолжен за економски прашања, а од 2009 година и на позицијата министер за финансии. Тој со својата работаи постигнати резултати останува запаметен како еден од најуспешните македонски министри, кој со своите економски политики направи значителни достигнувања и суштински реформи кои државава ја ставија на мапата на меѓународните економски текови и процеси.

За време на министертувањето на Ставрески се постигнаа најзначајните и забележителни резултати во клучните области на економијата, намалување на невработеноста, привлекувањето на странски инвестиции, поддршка на домашната економијата, подигнување на стандардот на граѓаните.

„Ми беше задоволство да бидам дел од овој економски тим, кој со голем жар ентузијазам одготворност и посветеност работеше за Македонија и донесе резултати кои многу граѓани ги почувствуваа, тргнувајќи од сериозното намалување на невработеноста, значително подобрување на бизнис климата, високи растови на економијата и извозот, носењето на многу инвеститори и водењето здрави макроекономски и финансиски политики. Сето ова е остварено во исклучително тешки години на глобална финансиска криза, европска должничка криза, а еве речиси две години и домашна политичка криза“, пишува Ставрески.

Тој во оставката се заблагодарува за плодната и професионална соработка со претходниот претседател на Владата Никола Груевски во чиј владин тим беше 9 години.

„Со него имав одлична соработка и голема поддршка. Заеднички со него и со другите колеги од Владата направивме економски резултати  за Македонија како никогаш досега, признаени и потврдени од најзначајните меѓународни финансиски институции“, истакнува Зоран Ставрески.

Тој се заблагодарува и за соработката на премиерот Емил Димитриев и останатите членови на Владата особено за доброто функционирање во услови на длабока политичка криза, како и на одличните односи и соработка со приватниот сектор, НБРМ и меѓународните институции.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев во изјава ја потвди оставката на вицепремиерот и нагласи дека Владата секогаш ќе остане отворена за соработка со личност каква што е тој.

-Заради лични здравствени причини, вицепремиерот Ставревски поднесе оставка на функцијата министер за финансии и вицепремиер на Владата, причините се наведени во текстот на неговата оставка и ние тоа го разбираме и почитуваме. Владата истакнува огромна благодарност до вицепремиерот Ставревски за неговата работа, за ангажманот и придонесот кој тој го оствари во реализација на владините мерки, програми, и политики, за што сведочат неговите постигнати извонредни резултати. Му посакуваме пред се добро здравје, и надминување на предизвиците со кој се соочува, а Владата секогаш ќе остане отворена за соработка со личност каква што е тој.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top