Српскиот премиер на заминување и мандатар за составот на новата влада, Александар Вучиќ, ја откажал посетата на 21-ви јуни на европската престолнина Брисел, како и договорените билатерални средби со високи американски функционери по повод заминувањето во САД на 23-ти јуни со првиот директен лет на „Ер Србија“ на линијата Белград – Њујорк, објави во понеделникот весникот Политика, повикувајќи се на добро известени кругови блиски на Вучиќ.
„И посетата на Брисел и заминувањето во САД се закажани и детално испланирани, така што откажувањето на патот во Брисел и средбите во Њујорк претставуваат големо изненадување, со потенцијално далекусежни политички последици“, пишува Политика.
И српската национална телевизија ја објави веста за откажување на посетата на Брисел, како и дека во текот на престојот во Њујорк, Вучиќ сепак нема да се сретне со американските функционери.
„Посетата на САД не е билатерална, туку Вучиќ е гостин на првиот лет и во текот на престојот таму би требало да одржи билатерални средби со американски функционери, но тие средби ги откажа“, објави РТС повикувајќи се на извори во српската влада.
Политика натаму пишува дека во саботата не успеала од Вучиќ или од лица од неговиот кабинет да обезбеди потврда на тие информации.
„Во отсуство на таква потврда, крајно неблагодарно е да се шпекулира за причините за откажувањето од важните среди со челниците на ЕУ и на САД“, пишува натаму Политика нагласувајќи дека „сево ова се случува во деликатен политички момент, по вонредните парламентарни избори и додека земјата уште нема вала, а јавноста дури ни јасна претстава за тоа кои партии точно ќе влезат во составот на новата влада“.
Според информациите кои ги добила Политика, одлуката за откажувањето на патувањето во Брисел и претходно договорените средби со високи западни функционери, Вучиќ ја донел изминатиот викенд „по телефонски контакти со највисоките претставници на ЕУ“.
„Во текот на тие пристојни, но и крајно воздржани разговори, западните соговорници се известени дека Вучиќ нема да оди во Брисел сé додека не ја формира владата на Србија, па кој и да ја формира“, наведува Политика.
Вучиќ претходно најави дека владата ќе биде формирана пред 16-ти јуни и посетата на кинескиот претседател Кси Џинпинг, но во меѓувреме тој рок го пролонгираше за процесот на формирање на владата да не се совпадне со посетата на кинескиот челник. Потврди дека владата во секој случај ќе биде формирана во првата третина од законски предвидениот рок кој започна да тече од минатата седмица, кога беше конституиран српскиот парламент.
Истовремено од кабинетот на Вучиќ за понеделникот попладне е најавен негова заедничка средна со американскиот амбасадор Кил Скот и шефот на Мисијата на ЕУ во Белград, британскиот дипломатот Мајкл Девенпорт. Во најавата не се спомнати можните теми на разговорите, но состанокот се одржува неколку дена откако Европската комисија ги отфрли наводите на провлединиот таблоид Информер дека двајцата амбасадори наводно се покровители на заговорот против владата и Вучиќ.
Информер ги обвини Скот и Девенпорт дека се вмешани во обидот за радикализирање на протестите поради смените во покраинската Радио-телевизија Војводина и поради наводно неовластеното уривање на објект во белградската населба Савамаала, дел на десниот брег од реката Сава каде е планиран проектот „Белград на вода“, кој српската влада го прогласи за проект од национално значење и јавен интерес.
„Белград на вода“ е заеднички проект со компанија за недвижнини од Абу Даби, во износ од повеќе од три милиона долари, а од самиот почеток го следат контроверзии и опозицијата ја проблематизира неговата транспарентност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.