| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Најдобрата социјална политика е политиката на отворање нови работни места

 

Околу 30 илјади корисници во јули ќе добијат за 5 проценти зголемена социјална парична помош. Средствата за покачувањето се обезбедени при планирањето на Буџетот за годинава. Во последните десетина години овој тип помош е зголемена за 62 проценти.

– Уште кога се правеше Буџетот за 2016 година, односно за годинава беа предвидени средства за зголемување на социјалната парична помош од пет проценти, така што од она со исплатата на овој вид помош што корисниците ќе ја добијат на почетокот на јули и таа ќе биде зголемена за 5 проценти. Станува збор за околу 30.000 семејства кои земаат различни видови социјална помош, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на книги од Проектот за превод на 1000 книги.

Потсети дека социјалната помош во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, од 2007 година наваму,  е зголемена за околу 62 отсто.

– Ова ќе биде едно ново зголемување кое беше ветено во нашата програма. Беше предвидено кога се правеше Буџетот за годинава и сега со исплатата на почетокот на јули примателите на социјална помош ќе го добијат она што им беше ветено и го заслужуваат, а тоа се новите пет проценти зголемување на социјалната помош, рече Груевски.

Кога станува збор за оваа тема, рече, наша главна и основна стратегија е колку што е можно поголемо привлекување инвестиции и охрабрување на домашните инвеститори заради отворање нови работни места.

– Мојата теорија е дека најдобра социјална политика е политиката на отворање нови работни места. И токму затоа невработеноста се намалува. Токму затоа фокусот е на намалување на невработеноста која од 38 проценти стигна на околу 24,5 отсто со континуирано нејзино намалување и континуирано отворање нови работни места, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top