Во величествена атмосфера , во престижниот „EYE“ Музеј во Амстердам на 3. јуни, за време на церемонијата на отворањето на големата ретроспектива на кинематограферот и уметник Роби Милер, директорот на Фестивалот „Браќа Манаки“, Благоја Куновски – Доре му ја врачи наградата за животно дело „Златна камера 300“, на овој, како што нагласи тој, Рембрант на 20-от век.
Куновски видно возбуден од целата атмосфера, но и од присуството на Роби Милер го претстави фестивалот и неговата поврзаност последните 20 години со филмовите на Милер. Тој говореше за престојот на Роби Милер во Битола, на фестивалот „Браќа Манаки“. Куновски рече дека оваа награда тој ја смета за Оскарот што го заслужува Роби Милер.
Овој настан беше проследен од бројна публика која ја надминуваше цифрата од илјада посетители. Холандија го славеше својот мајстор на светлината со импресивна инсталација која вклучуваше повеќе од 30 ТВ и ЛЦД монитори со материјали одприватна видео архиви на Роби Милер, негови белешки, фотографии направени за време на снимањата, писма кои си ги разменувал со режисерите со кои соработувал, но и интервјуа со Вим Вендерс, Џим Џармуш, Ларс фон Триер, Стив Мек Квин.
Најголем дел од просторот во изложбената галерија на Музејот „EYE“,бешеискористен за поставување на 12 големи скрининг платна на кои сепроектираа инсерти од филмовите „Париз Тексас“, „Спроти брановите“ „Танчерка во темнината“ , „Американски пријател“ „Мртов човек“ „Алис во градот“ и многу други познати филмски наслови, во кои , според искажувањата на режисерите, Милер бил секогаш спремен да експериментира и да го следи својот уметнички ритам во градењето или разложувањето на сликата.
Извонредниот трагач по светлината, Роби Милер, последните пет години е врзан за инвалидска количка бидејќи му е влошена здравствената состојба. Тој со својата сопруга Андреа покрај себе, достоинствено ја проследи целата церемонија и присуствуваше на свечената вечера, што во негова чест ја организираше „EYE“ Музејот во Амстердам, топло поздравен од директорката на музејот Сандра ден Хамер и нејзините соработници, кои оваа изложба ја подготвувале речиси една година.
Делегацијата на Фестивалот „Браќа Манаки“, Благоја Куновски и Гена Теодосиевска за време на престојот во Амстердам, на покана од Андреа илер, имаа прилика да го посетат Роби Милер и во неговиот дом, каде што
Куновски евоцираше спомени од средбите со овој неуморен поддржувач на новото и на експериментот во филмската слика.
Во Битола на 37. издание на фестивалот „Браќа Манаки“ се очекуваат претставниците на Милерови, неговата сопруга, неговите син и ќерка кои ќе говорат за Роби Милер, како човек и уметник, додека неговата долгогодишна соработничка и самата кинематограферка, Клер Пијман е поканета да говори за естетиката на фотографијата во филмовите на Роби Милер.
Ретроспективната изложба Роби Милер „Мајсторот на светлината“, ќе биде поставена во Музејот „EYE“ до 4. септември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.