Во интервјуто за Курир заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски зборува за изминатата 2015/2016 учебна година и ефектите од спроведените реформи, но и за новините кои се планираат од септември, за реализацијата на неколку капитални проекти, за екстерното тестирање и матурата, високото образование.
Кои беа приоритетите на Министерството за образование и наука во учебната 2015/2016 година и дали се исполнија вашите очекувања?
– Во суштина Владата и Министерството за образование и наука секогаш посветуваат подеднакво внимание на унапредување на двата основни аспекти на образованието. Едниот е подобрувањето на наставата, односно воспитно образовната компонента – преку воведување на нови учебници и наставни програми, информатичка технологија, нови методи на предавање од страна на наставниците и нивна стимулација, а со крајна цел да се подигне степенот на интеракција на часовите, да се развие еден креативен и иновативен начин на размислување кај учениците и секако, да им се доближат сите современи достигнувања од глобалниот образовен простор. Вториот аспект е образовната инфраструктура. Преку опфат на сите општини, урбани и рурални средини кадешто е нотирана извесна потреба за инвестиција, се трудиме да ги подобриме условите за настава, затоа што сите ученици заслужуваат пристојни училници, пристојни кабинети, игралишта и слично. Генерално сум задоволен од резултатите на нашиот труд во изминатата година, кој е континуитет на сите претходни напори за модернизација на македонскиот образовен систем. Можам да уверам дека интензитетот ќе продолжи и во периодот кој следи, затоа што образованието е нашиот единствен ресурс за севкупен општествено економски просперитет., вели Ристовски за Курир.
Можете ли да издвоите неколку поважни реформи што започнаа годинава?
-Би го издвоил воведувањето на новите учебници и наставни програми по математика и предметите од групата природни науки, зад кои стои најголемиот светски снабдувач со квалитетни програми и учебници, Меѓународниот центар при Универзитетот Кембриџ, кои овозможуваат поголем фокус кон научното истражување, развојот на критичкото мислење и подигнување на самодовербата. Годинава беа опфатени учениците од четврто, петто и шесто одделение, откако минатата со нови учебници и програми ја започнаа учениците од прво до трето одделение. Од септември оваа реформа целосно ќе ја заокружи деветолетката, по што, ќе продолжи и во средното образование. Понатаму, новите наставни програми по предметите кои ја обработуваат материјата поврзана со бизнисот, иновациите и претприемништвото, односно предметите “иновации“ во деветто одделение во основно и “бизнис и претприемништво“ и “иновации и претприемништво“ во средно образование, кои пак, обезбедија еден поексплицитен и повеќе сликовит пристап кон материјата од практичен аспект, што дополнително го стимулира претприемачкиот дух кај учениците. Би го споменал и воведувањето на предметот работа со компјутер во трето одделение, кој од факултативен, стана задолжителен, а воедно беше и надграден со теми од областа на основите на програмирањето. Оваа реформа, која е позитивно практично искуство преземено од британскиот образовен систем, го подигна интересот за ракување со компјутер и со готови компјутерски програми што го олеснуваат изучувањето на другите наставни предмети. Ќе го споменам и циклусот обуки наменети за наставниците за примена на современи европски интерактивни методи во наставата, кој го спроведовме со еден од топ 20те светски универзитет “University College London“. Ова се дел од новините кои го дадоа очекуваниот ефект и имаат свој придонес кон развојот на македонското образование. Се разбира, има уште многу да се говори на оваа тема, вели тој.
Деновиве беа, односно се уште се актуелни два процеси од исклучително значење за учениците. Државна матура и екстерно тестирање. Како се спроведуваат и има ли одредени предизвици?
-Екстерното тестирање и државната матура се процеси кои се интегративен дел од образовниот систем повеќе години и веќе се спроведуваат вообичаено, би рекол рутински. Имено, екстерното тестирање како процес на проверка на знаењето на учениците и проверка на објективноста на оценувањето на наставниците, се реализира веќе 4та година по ред и истиот, за годинава заврши во текот на вчерашниот ден. Додека државната матура се спроведува по 9ти пат, како предуслов за завршување на средното образование и продолжување во високото. Полагањето на последниот предмет е на 15ти месецов. И во двата процеси сите учесници – ученици, наставници, тестатори, администратори, набљудувачи и така натаму, си ги знаат обврските и задачите и работите поминуваат во најдобар ред. Предизвиците од технички аспект и процедурална природа, кои речиси секогаш биле злоупотребени од одредени политички структури, повеќе не постојат. Ние и понатаму ќе работиме на унапредување, особено на екстерното тестирање, кадешто веќе имаме конкретни планови околу модификација на моделот што во моментов се имплементира. Но, тоа ќе го дефинираме во дискусија и заеднички со сите засегнати чинители, во периодот што следи, рече заменик-министерот Ристовски.
Ја споменавте образовната инфраструктура. Што досега е направено и кои се следните приоритети?
–Веќе споменав дека вложувањето во образовната инфраструктура отсекогаш била наш приоритет и силна страна. Паралелно низ годините, како се зголемуваше буџетот наменет за образование, така се зголемуваа и инвестициите во училиштата, во спортските сали, во објектите на високо образовните установи, во лабораториите…Со задоволство би истакнал дека за време на мандатот на оваа Влада, изградени се 74 нови училишни објекти, додека 400 училишта се опфатени со реконструктивни и санациони активности, за што се инвестирани речиси 50 милиони евра. Ова го потенцирам, особено во делот на ново изградените училишта, затоа што целокупната јавност знае дека последен пат пред 2006 година, ново училиште беше изградено во периодот пред осамостојувањето на Република Македонија. И за време на летниот распуст, околу 20тина објекти ќе бидат реконструирани, а ќе биде завршена и изградбата на едно основно училиште, на кое се уште се работи. Изградивме 55 училишни спортски сали за што се вложени 27 милиони евра. Ова е огромна бројка. Во тек е изградбата на уште 7, а дополнителни 7 ќе започнат да се градат до крајот на годината. Голем дел од овие сали се изградени на места кадешто претходно не постоело ниту земјено игралиште и каде, веројатно ниту локалното население не се надевало дека некогаш нешто ќе биде направено. Нивното задоволство, задоволството на учениците, на спортските рекреативци, но и на професионалните спортисти е мотивот да продолжиме со реализацијата на еден од најкапиталните проекти, а тоа е проектот за изградба и опремување на 145 училишни спортски сали, од кој не отстапивме ниту во услови на економска криза, иницирана од големата европска должничка криза. Понатаму, во делот на високото образование исто така, помогнавме максимално во обезбедувањето на соодветни просторни услови за сите јавни универзитети, а меѓу другото, набавивме и 80 лаборатории со научно истражувачка и апликативна дејност. Инвестиравме повеќе од 30 милиони евра досега. Во тек е и изградба на два современи објекти, за факултети во состав на скопскиот универзитет, кои досега, или воопшто немаа сопствени простории или пак, условите во кои студентите посетуваа настава воопшто не беа соодветни. Наша практика е секоја година да изготвуваме инфраструктурен инвестициски план. Годинашниот интензивно се реализира, а приоритетите за идната година веќе се дефинираат, вели Ристовски.
Студентите реагираат на условите во студентските домови. Колку тие се во фокусот на вашите политики и што можеме да очекуваме во тој дел?
-Прилично сме посветени на унапредување на студентскиот стандард, преку подобрување на условите во студентските домови, како алтернатива за сместување и едукација на голем број студенти во секоја една генерација. Досега направивме неколку крупни инвестиции, а неколку, исто така капитални се во тек, или пак допрва ќе се реализираат. Би споменал дека оваа Влада е единствена која изгради нови сместувачки капацитети, односно 8 нови павилјони во состав на студентскиот дом “Стив Наумов“ во Скопје во вредност од 100 милиони денари. Понатаму, започнавме со целосна реконструкција на најголемиот дом “Гоце Делчев“ која ќе заврши во 2017 година. Во тек е реализација на втората фаза – реконструкција на блок А, откако минатата година беше реализирана првата фаза во која беше опфатен блок Б, каде се инвестираа 90 милиони денари за замена на вратите, прозорците, подовите, електричната и водоводната инсталација, системот за парно греење, молерисување на ѕидовите и комплетно нова опрема во сите соби. И во оваа фаза, која е 50% реализирана, ќе се инвестираат 90 милиони денари. Потоа, следни за реконструкција ќе бидат блоковите В и Г, како и партерот и мензата. Во меѓувреме, донесовме одлука за комплетна замена на инвентарот во сите државни студентски домови во земјата, затоа што постојниот беше дотраен, искористен од многу генерации. Постапката за избор на фирма која ќе треба да ја заврши работата е при крај. Пристигнати се неколку понуди кои во моментов се евалуираат, по што, во скоро време ќе се направи и соодветен избор. Инвестицијата ќе чини околу 100 милиони денари. Пред неколку дена започна и замената на лифтовите во сите државни студентски домови каде има инсталирани и се користат лифтови. Согласно потпишаниот договор со министерството вреден 15 милиони денари, ангажираната фирма ќе ја заврши работата во текот на летниот период. Исто така, интензивни се и подготовките за набавка на перални и сушални за домовите во 2017 година, кои ќе бидат од голема корист за околу 6.500 студенти и едно олеснување на студентскиот живот. На крајот, би го издвоил и најважното – одлуката која ја донесовме за изградба на три целосно нови студентски домови во земјата, од кои за два, во вредност од 5 милиони евра – еден во Скопје на местото на Медицинар и еден во Тетово за потребите на тамошниот државен универзитет, има пристигнати 15тина понуди и во тек е нивна евалуација по што ќе се направи избор на најповолните понудувачи, односно идни изведувачи на градежните работи. Активностите на терен ќе започнат ова лето, потенцира Ристовски.
Кои се плановите за високото образование?
-Една од поважните активности на која во моментов работиме заедно со познати светски консултанти и заедно со раководствата на јавните високообразовни установи е подготовката на нов модел за нивно финансирање. Тој треба да ја замени досегашната формула за пресметка на буџетите. Да биде стимулативен модел. Во смисла, ако досега средствата им се префрлаа исклучиво врз основа на број на студенти, вработени и трошоци за струја, вода, одржување и слично, во иднина дел од финансиите ќе бидат поврзани и со конкретни резултати, односно со квалитетот кој се продуцира. На пример, еден од параметрите би можел да биде просечниот временски период на обезбедување работен ангажман веднаш по завршувањето на конкретниот факултет. Или пак, бројот на студенти кои по дипломирање продолжиле на следен циклус на студии на некој од најдобрите универзитети во светот и слично. Сепак, во овој момент рано е да говорам за конечниот модел. Има уште многу работа до финалната дефиниција, истакнува тој.
Младите од Македонија имаат можност да студираат на некој од најдобрите светски универзитети. Државата им го овозможува тоа. Какви услови им нудите и кои се нивните обврски?
-Република Македонија е единствена земја во регионот и една од ретките во пошироки размери која доделува стипендии за студентите кои ќе се запишат на некој од најдобрите 100 универзитети во светот според Шангај. Овие стипендии се прилично високи, затоа што партиципацијата на овие универзитети, но и трошоците за живот во земјите каде се наоѓаат овие универзитети, се прилично високи. Сепак, одлучни сме да инвестираме во нашата младина. Досега, за 6 години доделивме 170тина вакви стипендии. Стипендистите потпишуваат договор, дека по дипломирањето ќе се вратат во својата земја и стекнатото знаење ќе го вложат токму тука, преку работен ангажман во јавниот или приватниот сектор, во времетраење од најмалку двојно поголем период од периодот на студирање. Сепак, државата вложува во нив и очекува фидбек. Во моментов во тек е конкурс за ваков тип на стипендии. Тој ќе трае до 1 септември. Така што упатувам апел до сите заинтересирани. Доволно е до министерството да достават потврда дека се примени на некој од најдобрите топ 100 универзитети и да ја искористат оваа можност. Инаку, имаме и бројни други типови на стипендии, за во земјата и странство. Вкупно 40тина. Во овој дел би споменал еден значаен податок. Имено, за оваа година Министерството за образование и наука предвиде 688 милиони денари, односно тоа се повеќе од 11 милиони евра намемети за исплата на стипендии. Ако го споредиме овој податок, со износот на средства кој државата го двоела до 2005 година, кога на годишно ниво изнесувал 235 милиони денари, помалку од 4 милиони евра, констатираме трикратно зголемување на буџетот наменет за стипендирање. Има разлика, потенцира заменик-министерот.
Задоволни ли сте од спроведувањето на проектот за превод на странска литература и колку таа е користена од студентите?
– Овој проект за превод на “1000 стручни и научни книги“ од кои се учи на најпознатите универзитети во светот се реализира веќе неколку години. Тоа значи дека нашите студенти можат да го стекнат знаењето или да ги добијат информациите кои ги имаат нивните колеги од Оксфорд, Шефилд, Кембриџ, Јејл и така натаму. Досега се преведени 967 наслови, но проектот нема да заврши со преводот на сите 1000 наслови, затоа што дополнително направена е измена на Законот за високо образование, со која се предвидува секоја година, во следните четири, за потребите на домашните факултети да бидат преведувани нови 50 учебници, кои се користат на првите 10 најдобро рангирани универзитети во светот според Шангајската листа. Сите овие учебници станаа задолжителна литература за време на студирањето, со што се елиминира можноста за сопствен бизнис со книги на професорите, можноста за условување на студентите со задолжително купување на одредена книга, се овозможува наставната материја да се изучува исклучиво на мајчин јазик. Проектот дава исклучително високи резултати. Видлив е интересот кај студентите, па така, Владата одлучи, нови 6 специјализирани читални како читалната “1000 книги“ во ГТЦ да се отворат во други општини Струмица, Велес, Аеродром, Струга, Прилеп и Гевгелија, каде има прилично голема концентрација на студенти, кои или студираат на некој од отворените факултети и дисперзирани студии, или пак, живеат таму, вели Ристовски за КУРИР.
Се чини дека младите се фокусот во генералните политики на Владата. Во изминатиот период се промовирани многу мерки наменети токму за нив. Ќе го намали ли тоа одливот на мозоци, што како тренд постои во светски рамки?
-Младите се иднината, столбот на државата. Идни двигатели на севкупниот просперитет. Но, за да се заложат максимално и да придонесат во тој севкупен механизам, тие мора да бидат сигурни дека постои реципроцитет, односно дека и државата им нуди иднина. Да бидат сигурни дека им нуди квалитетно образование на сите нивоа, им нуди работни места, економска стабилност, социјална сигурност. Затоа како Влада континуирано работиме на подигнување на квалитетот во сите сфери кои ги засегаат младите. Не само образованието, туку и науката, спортот, пазарот на труд и така натаму… Досега се промовирани 40 мерки, но ќе следат уште многу. Дел од нив, веќе започнаа да се имплементираат и младите почнаа да ги чувствуваат бенефитите. Како на пример бесплатниот автобуски превоз за студенти, бесплатниот железнички превоз, средношколска среда, бесплатното патување на атрактивна туристичка дестинација во Европа за најдобрите студенти… Во август започнува мерката за вработување на најдобрите 100 студенти од јавните високо образовни установи. Сето ова за кое говорам, во суштина се нивни потреби и барања и како што напоменав, континуирано постапуваме и се трудиме да имаат подобро утре. Тоа е наша должност. Така ќе биде и во иднина, вели Ристовски.
Во тек е конкурсот за упис во средни училишта, а деновиве треба да биде објавен и конкурсот за запишување на факултети во учебната, односно академска 2016/2017 година. Што би им порачале на младите?
-Многу е важно изборот на понатамошното образование, односно занимање да се направи врз основа на сопствените убедувања, афинитети и предиспозиции, но секако и врз основа на податоците за тоа колку, избраниот тип на образование е побаруван и колку полесно може да се обезбеди работен ангажман, односно да се материјализира. Така што, во оваа прилика би апелирал да се обрне внимание на стручното образование, како на средното, така и на високото. Затоа што, реално тоа е побарувано на пазарот на трудот. Компаниите имаат се поголема потреба од соодветни стручни кадри и таа потреба, согласно проекциите, во периодот кој следи уште повеќе ќе се зголемува. Ќе се зголемуваа бројот на работни места, како резултат на политиката на привлекување странски директни инвестиции, но и поддршката кон домашните бизниси. А тие работни места ќе бидат наменети во најголем дел, за лица со соодветно стручно образование. Тоа треба да биде изборот на идните средношколци и студенти, заклучува Ристовски во интервјуто.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст