| четврток, 6 декември 2018 |

Еве што сè може да внесете доколку одите на одмор во Грција

Македонските туристи, кои летово ќе ја изберат Грција за дестинација за одмор, може да се соочат со проблеми при влез кај јужниот сосед. Посебно на удар може да бидат туристите со поплиток џеб, кои сакаат со што помалку пари да поминат десетина дена на море.

Македонските туристи, но и тие од Србија, во Грција заминуваат со големо количество храна за целиот одмор. За време на престојот се купува само најнеопходното, и тоа најчесто во најблискиот маркет „Лидл“.

Домати, пиперки, краставици, месо, па дури и вода се сместува во багажникот на автомобилот. Пикник-фрижидерчињата се полнат со освежителни напивки за по пат, како и со производи што лесно може да се расипат.

Од туристичките агенции велат дека цариниците имаат право да ја одземат храната и дека според законот за храна на ЕУ, секоја храна што е произведена надвор од ЕУ и згора на тоа не е вакуумирана цариниците имаат право да ја уништат.

Овој закон во земјите на Унијата се применува подолго време, но Грција беше толерантна и ѝ се прогледуваше низ прсти поради финансиската криза и туристите што доаѓаат во голем број.

Конкретно, тоа значи дека во Грција нема да смеете да внесете месо, млеко и млечни производи. Дозволено е да внесете само четириесет цигари, или 50 грама тутун. Можете да пренесете и еден литар пијалак, кој содржи повеќе од 22 проценти алкохол или два литра со помалку од 22 отсто алкохол. Кога се работи за пиво, смеете да внесете 12 литри, а пак вино четири литри.

Дозволено е и два килограма храна за бебиња, како и за миленичиња. Готовнината над 10.000 евра, исто така, треба да се пријави кај цариниците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top