Бројот на луѓето што го користат Фејсбук почна да се намалува од месец во месец, пишува Индекс. На пример, во Велика Британија во рок од еден месец од Фејсбук „си отишле“ 1,4 милион корисници, што значи дека корисниците на најголемите пазари се откажуваат од употребата на услугите понудени од страна на Марк Цукерберг. Минатиот месец своите профили според најновите податоци ги угасиле шест милиони Американци, пишува Гардијан.
Експертите објаснуваат дека во многу случаи зајакнувањето на некои нови, интересни страници за корисниците, довело до напуштање на Фејсбук, а не помага ни тоа што новите членови се приклучуваат во релативно мал број. Се претпоставува дека најголемиот бран веќе поминал и дека на Фејсбук веќе се поврзани повеќе или помалку сите од оние што имале таква намера.
Експертот за медиуми Иан Мод објаснува: „Проблемот е во тоа што повеќето од оние во САД и во Велика Британија што планирале да се приклучат веќе го сториле тоа. Па се јавува ‘факторот на досада’, кога луѓето сакаат да пробаат нешто ново. Оди ли Фејсбук во насоката на Мајспејс? Ризикот е релативно мал, но тоа не значи дека не постои.“
Освен што сè повеќе луѓе ги гасат своите профили, и оние што остануваат трошат помалку време на Фејсбук: во САД бројот на просечните минути дневно поминати на Фејсбук опаднал од 121 во декември на 115 во февруари“.
Сепак, и покрај вкупните бројки, кои се лоши, бројот е зголемен во Јужна Америка и во Индија, а популарноста откако беше преземен од Фејсбук му порасна и на Инстаграм: за 18 месеци во мрежата се приклучиле 30 милиони нови корисници.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.