| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: СЈО и Заев прават политичка хајка која нема да им успее

gruevski

Специјалното јавно обвинителство и Зоран Заев прават политичка хајка која нема да им успее, изјави денеска пред Кривичниот суд лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

– Денеска бев повикан во Судот затоа што Катица Јанева изразила некаков сомнеж дека ќе ја напуштам земјата и дека нема да се појавувам во неа. Незнам дали некој во државата верува во такво нешто дека ќе ја напуштам земјата и нема да се појавувам, но како и да е се гледа дека СЈО прави чекори коишто се нарачани и дека тоа веројатно го посакува да се случи нивниот нарачател којшто во неколку наврати изјави дека не ги признава македонските судови.

Ова го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски по денешниот распит кај судија во претходна постапка во Кривичниот суд во Скопје, како осомничен во случајот „ТНТ“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

– Веројатно тоа е негова желба да заминам од земјата и да не се појавувам, но тоа ниту ќе го сторам, ниту е вистина, ниту пак ќе му ја исполнам таа желба. Живееме во еден период во којшто човекот којшто изјави дека не ги почитува судовите односно дека не ги признава судовите во Македонија. Свесен е за својот политички рејтинг, свесен е за големата неподдршка што ја има од страна на граѓаните, свесен е дека изборите наближуваат и дека нема да може уште долго да ги одолговлекува и преку контролата што ја има врз луѓето во СЈО се обидува да ги изрелативизира работите и да се обиде преку вакви апсурдни покани во Судот мене и моите соработници да не прикаже исти или слични како него. Тоа се обиде да го направи и во текот на минатата година преку неговите прес-конференции на кои се објавуваа фабрикуваните материјали и не успеа. Потоа се обиде со тоа што издејствува 100 дена пред изборите да има друг премиер за спроведување избори, верувајќи дека на тој начин ќе дојде на власт, дека на тој начин ќе го промени мислењето на граѓаните и сега се обидува на трет начин. На начин на којшто постојано ќе бидам повикуван заради апсурдни причини во Судот и ќе треба да давам вакви изјави, да се правдам иако немам никаква вина за народот да ја промени перцепцијата и да почне да мисли дека можеби јас и моите соработници сме слични на човекот којшто даваше изјави  дека не го признава судот во Република Македонија. Тоа нема да му помогне. Тој тоа ќе го види на денот на изборите, вечерта на изборите, мислам дека ќе го осети и претходно и ќе осети дека оди во погрешна насока затоа што работите на изборите не одат на тој начин. Изборите се добиваат со една посветеност, со една одговорност, со чесно работење, а не со апсурдни чекори, со манипулации, со лаги, со невистини, со шпекулации или со слични работи со којшто нашиот и мојот политички опонент се занимава во сиот изминат период, изјави Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top