| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува тетарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“

Со претставата „Име“ во режија на Ненни Демлестре на театар „Комедија“ и со традиционалното врачување на наградите за животно дело, вечерва во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп почнува 51-от Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“…

– Фестивалот го помина првото петдецениско постоење и годинава зачекоривме во второто петдецениско живеење на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Направив селекција од 12 претстави во официјалната конкуренција за награди и се раководев само од квалитетот што го нудат македонските професионални театри. А македонскиот театар постојано бележи нагорна линија и според квалитет и квантитет, зашто сите ансамбли се обновени со млади актери и творци, истакна претседателот на Собранието на фестивалот и селектор Петар Темелковски.

Сите осум фестивалски дена ќе биде понудена богата програма. Освен 12 претстави во официјална конкуренција, има и 10-тина претстави во придружната програма. Ќе бидат организирани и изложби и промоции на драмски текстови што се наградени од Министерството за култура, како и полноќни претстави за сите генерации.

– Се поевидентно е дека салите ги полни повеќе младата публика која сака да ги види достигнувањата во театарската уметност, истакна Темелковски.

Утревечер, 10 јуни, на отворањето, традиционално ќе бидат доделени наградите за животно дело. Годинашни добитници се: театарскиот критичар Лилјана Мазова, како и актерите Илијаме Билјали од Албанскиот театар и Сабина Ајрула од Драмскиот театар од Скопје. Идниот петок, Македонската опера и балет за првпат на фестивалот ќе ја изведе операта „Кармина Бурана“ во чест на наградените.

Во конкуренција за награди се и претставите: „Животот е прекрасен“ на МНТ од Скопје, „Јов“ на Драмски театар, „Старицата од Калкута“ на Велешкиот театар, „Аресеник“ на Албанскиот театар, потоа претставата „Прометеј“ на Турскиот театар, „Суд“ на театарот од Штип, „Кралски игри“ на Битолскиот театар, „Ни ќар, ни зијан“ на Струмичкиот театар, претставата „Ревизор“ на Театарот од Куманово, „Парламентарки“ на Охридскиот театар, „Ајнштајновите соништа“ на Прилепскиот народен театар. Во составот на фестивалското жири се драмскиот писател Васе Манчев, драмскиот уметник Владо Јовановски и режисерот Јани Бојаџи.

За градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, фестивалот „Војдан Чернодрински“ е дел од препознатливоста на градот.

– Фестивалот е потврда дека Прилеп е град на театарот, но и дека ја негува уметноста, особено што има и изградена театарска публика, вели Ристески.

Покровители на фестивалот се Министерството за култура и градот Прилеп.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top