Во посета на археолошкиот локалитет Стоби, кој е во состав на НУ Стоби денеска беше министерката за култура Елизабета Канческа Милевска заедно со Виктор Лилчиќ директор на Управата за заштита на културното наследство.
-Во моментот стручни екипи интензивно работат на конзервација, реставрација и археолошки доистражувања на Римскиот театар, кои се во завршна фаза. Воедно, се работи и на завршна фаза од конзерваторскореставраторските работи на нартексот на Епископската базилика. Завршен е конкурсот за идејно решение за заштита на покривната конструкција и презентација на Епископската базилика, а жири комисијата следната недела ќе одлучува по пристигнатите решенија, информираше министерката Канческа Милевска.
Во рамки на Владиниот проект за осовременување на музејските поставки и депоа, во Стоби е предвиден проектот за санација и адаптација на Старата железничка станица во Центар за посетители со лапидариум, мала музејска поставка со вредни артефакти од Стоби, како и сала за семинари и кафетерија за посетителите -Во тек е тендерот и во зависност од успешноста на тендерската постапка проектот треба да биде готов до крајот на годинава или почетокот на идната година. Овој објект во многу ќе им помогне на вработените и на институцијата и во самото финансирање на локалитетот и сето што е неопходно за големиот број на посетители на Стоби, бидејќи од април до крајот на октомври има околу 15.500 посетители, од кои голем дел странски туристи, потенцира Канческа Милевска.
-Завршени се археолошките истражувања на Храмот на Изида насочени кон откривање на Комплексот околу храмот. НУ Стоби во соработка со фондацијата Балканско наследство од Република Бугарија моментално во Стоби се реализираат меѓународни работилници за конзервација на мозаици и керамички садовиподвлече таа.
Министерката беше информирана за овие работилници во кои се вклучени 14 учесници од Канада, САД, Јапонија, Камбоџа, Шпанија и Велика Британија.
-Стоби е еден од најголемите археолоки локалитети за туристичка и културна промоција на Македонија и многу е значајно што ја формиравме оваа НУ Стоби, која веќе седум години успешно функционира со многу стручни кадри од повеќе специјалности меѓу кои и за мозаици. Тие напорно работат на истражувања и конзервацијата во археолошкиот локалитет Стоби, потенцира минстерката Канеска Милевска.
Директорката на НУ Стоби, Силвана Блажевска искажа јавна благодарност до министерката Канческа Милевска, за проектите кои се реализирани чија цел е подобра заштита и презентација на археолошкиот локалитет Стоби, инвестиција која, вели, ќе се врати со тек на времето.
Како посебно значајно откритие јас би ги истакнала истражувањето на Храмот на Изида, на кој истражувањата за оваа година веќе завршија и продолжуваат следната година. Имаме уште да ископуваме надолу и да стигнеме до римските слоеви на комплексот, каде очекуваме да пронајдеме поголем број мермерни скулптури, кои би се нашле во таков храм на египетско божество. Воедно, сакам да истакнам што е посебно важно дека минатата година имавме еден нов момент во истражувањата. Се појави натпис којшто укажува дека храмот не е посветен само на Изида, туку и на нејзиниот партнер Сарафис. Јас се надевам дека за неколку години кога доволно ќе биде истражен, ќе можеме да го спремиме за конзервација, најави Блажевска.
Како што информира таа, вкупната сума со којашто Министерството за култура ја финансира програмата за проекти во Стоби изнесува 4 милиони и 550 илјади денари, а за реконструкција и адаптација на Железничката станица во Центар за посетители со повеќе намени, се обезбедени 22 милиони денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.