Студентите пополнуваа документи, референтите на Студентски прашања заверуваа пријави, професорите одржуваа испити. Вака беше вчера на Економскиот факултет, еден ден по акцијата на Министерството за внатрешни работи, во која неколку лица, главно, универзитетски професори, беа осомничени за поткуп. Студентите не беа расположени да коментираат за случувањата, пренесува „Вест“.
– Слушнав за акцијата. Со години се зборува дека има професори што примаат поткуп, но лично не сум имала такво искуство – вели студентка на економија во четврта година. Деканот Љубомир Дракулевски рече дека сѐ уште не му е јасно што се случува на неговиот факултет.
– Овде студираат 4.000 студенти. Мора да се има предвид дека може да се случи некој да намести професор. Факултетот нема направено ништо лошо, а ако некој индивидуално земал пари, тоа не е во ред и треба за тоа да си одговара во посебна постапка. Претресуваа во кабинетите на неколкумина професори, не им најдоа ништо – вели Дракулевски.
Според него, овие случувања нема да влијаат врз угледот на Економски факултет и нема во иднина да се одрази на интересот за студирање.
Пред неколку години, на неколку факултети беа отворени антикорупциски канцеларии, во кои беше замислено студентите да пријавуваат конкретни случаи. Прва ваква канцеларија беше отворена токму на Економски факултет. Таа денеска не постои оти никој не пријавувал мито.
Имало уцени за оценки
Проф. д-р Осман Кадриу од Универзитетот ФОН вели дека примањето мито е криминал, кој е присутен и во академската фела. Ако сомнежите во последниот случај се точни, според него, Јавното обвинителство мора да поведе постапка и да утврди дали има кривично дело.
– Дваесет години сум професор и можам да кажам дека се зборувало оти има корупција, уцени за оценки. Имало и реакции и постапки, но поголемиот дел од тие постапки запреле оти немало доволно докази – вели Кадриу.
Четири од 10 студенти имале искуство со поткуп
Во 2012 година, Младинскиот образовен форум спровел регионално истражување за перцепција на корупција во високото образование. Биле анкетирани 3.463 студенти од шест универзитети, Македонија, Хрватска, Србија и Бугарија. Четири од десет студенти на скопскиот универзитет „Св. Кирил и Методиј“ одговориле дека имаат лично искуство со поткуп. Од нив се барало да купат книга за повисока оценка. За плаќање за испит, пак, студентите се посочуваат како главни иницијатори.
Истражувањето покажало дека најголемиот државен универзитет во Македонија „Св. Кирил и Методиј” води во корупцијата во високото образование. Секој втор студент во Скопје смета дека има непотизам на неговиот факултет, а 30 отсто имале лично искуство.
Според податоците, 21,4 отсто од испитаните студенти во Скопје чувствуваат страв од одмазда, а 28,4 отсто сметаат дека пријавувањето на неправилностите нема да промени ништо.
Корупцијата цвета во високото образование
Државната Комисија за спречување на корупцијата заедно со ОБСЕ и Транспаренси интернешнал Македонија пред неколку години спроведе истражување кое покажа дека високото образование е извор на корупција. 56,2 отсто од испитаниците рекле дека корупцијата е распространета во високото образование. Истражувањето покажува дека перцепцијата за корупцијата во земјава е над европскиот просек и изнесува 55,1 отсто. Понегативно мислење во однос на распространетоста на корупцијата имаат етничките Албанци од кои 75 отсто сметаат дека таа е многу распространета, наспроти 47 отсто од етничките Македонци.
Едно поодамнешно истражување покажува дека три четвртини од студентите на универзитетскиот кампус во Скопје сметаат дека со давање мито полесно би дипломирале на својот факултет. 150 студенти одговориле потврдно на прашањето „дали со давање мито полесно би ги завршиле студиите”, а педесет од нив сметаат дека професорите не би зеле мито. Околу 80 отсто од анкетираните студенти запишани на Правниот, Економскиот, Филозофскиот и Филолошкиот факултет рекле дека на нивниот факултет има непотизам и врски при полагање на испитите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст