| четврток, 6 декември 2018 |

Предлогот за импичмент на Иванов неоснован

Собраниската Комисија за оценување на основаноста на Предлогот за покренување постапка за утврдување одговорност на претседателот на Република Македонија денеска оцени дека предлогот за постапка за одговорност на претседателот на државата не е основан и дека претседателот Ѓорѓе Иванов си ги извршуваше своите права и должности врз основа на Закон и на Устав.

komisija-impicment

Ова во изјава за медиумите го истакна претседателот на Комисијата Зоран Илиоски по завршувањето на денешната седница на која со шест гласа „за“ и четири „против“ беше оценето дека предлогот на СДСМ за покренување импичмент против претседателот Иванов не е основан.

– Во законски рок извештајот за работата на Комисијата е поднесен до претседателот на Собранието, а потоа тој ќе покрене постапка според деловник и закон и ќе закаже седница на која ќе се дискутира за предлогот на СДСМ. Задача на Комисијата беше да ја оцени оправданоста и основаноста, а не да суди дали е некој крив или да оценува дали е некој во право или не. Имавме два дена дискусија на која беа изнесени аргументите од двете страни и врз основа на тоа денеска се изврши гласањето, прецизира Илиоски.

Опозицијата ја иницираше постапката за импичмент на 13 април, ден по одлуката на претседателот Иванов за помилување 56 лица. На 27 мај тој ја повлече аболицијата за, како што наведе, 22 политички експонирани лица. Иванов ги упати преостанатите 34 лица кои не сакаат да бидат помилувани да си поднесат барање за поништување на одлуките кои се однесуваат на нив.

Евентуалната одлука за почнување постапка пред Уставниот суд за утврдување на одговорноста на Иванов треба да ја донесат најмалку 82 пратеници во Собранието на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top