| четврток, 6 декември 2018 |

Румена Бужаровска во Лондон меѓу десетте најинтересни писатели во Европа

Меѓународно жири на Саемот на книга во Лондон ги прогласи десетте најинтересни писатели во Европа, меѓу кои е и македонскаа писателка Румена Бужаровска, пишува „А1. он“. Станува збор за проектот „Њу војс“ во рамките на кој се прогласени новите европски книжевни таленти, а проектот е дел од програмата „Литературата на европа во живо“, во организација на меѓународната платформа за поттикнување на меѓународната книжевна размена.

За ова признание, Бужаровска ја номинирале хрватското друштво на писатели и здржението „Културтрегер“, а номинацијата била прифатена со образложение дека се работи за: „исклучително образована авторка, која во своите раскази идеално ги споила локалното, македонско, транзициско со универзалното, со човечките драми и социјални притисоци, во лесно преводливите, уметнички – беспрекорни раскази, кои освен длабокиот увид во човечката психа, содржат и димензија на социјална критичност и освестеност“.

Расказите на Бужаровска ќе бидат објавени во антологијата на англиски јазик, заедно со другите девет најинтересни млади писатели во Европа и нивното творештво ќе биде претставено на книжевните фестивали во Велика Британија, Шпанија, Белгија, Норвешка, Хрватска, Словенија, Унгарија. Таа беше меѓу почесните гости на Фестивалот за краток расказ кој се одржа во Загреб и Осиек од 30 мај до 3 јуни, на тема „On/No Trespassing: за границите и луѓето“.

Бужаровска е авторка на три книги раскази „Чкртки“ (2007), „Осумка“ (2010) и „Мојот маж“(2014). Нејзините раскази се преведени и објавени во англиски, словеечки, германски, хрватски, француски и бугарски антологии и книжевни списанија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top