Народната банка регира на повикот за дводневен настан под називот „Ф-Икс-Лидер“ (FXLider) од страна на „Ф-Икс-Лидер“, кој, како што стои „…ќе биде фокусиран на едукација како на искусни тргувачи, така и на почетници, кои се заинтересирани за тргување и заработка на светскиот финансиски пазар“. Во натамошниот текст се нагласува дека „…целта на ’Ф-Икс-Лидер‘ настаните…запознавање и едуцирање на јавноста за овој алтернативен начин на заработка“.
Народната банка укажува на јавноста дека во согласност со членот 14 од Законот за девизно работење единствено овластените банки, Фондот за осигурување депозити, осигурителните друштва, пензиските фондови и инвестициските фондови, имаат право да вршат упис, да уплатуваат и да тргуваат со хартии од вредност во странство. Граѓаните и другите правни лица немаат право да тргуваат со хартии од вредност во странство, освен преку линк ЈИЕ на загрепската и на софиската берза на хартии од вредност.
Воедно, начинот на тргување што го нуди „Ф-Икс-Лидер“ бара високо ниво на експертиза и е ризично за самите овластени професионални учесници на меѓународните финансиски пазари, а уште повеќе за пошироката јавност.
Со тоа, Народната банка остро реагира на секаков вид вакви јавни повици за незаконско дејствување на граѓаните.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.