| четврток, 6 декември 2018 |

Прва седница на Комисијата за отповикување на претседателот Иванов

sobranie

Во Собранието на Република Македонија денеска седница треба да одржи Комисијата за оценување на основаноста на предлогот за поведување постапка за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов за одлуката за аболиција.

Комисијата треба да го разгледа предлогот поднесен од опозицијата за поведување постапка за утврдување на одговорноста на претседателот Иванов.

Комисијата има 11 члена. Претседател е пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски, од чијашто пратеничка група има уште пет члена, а по два члена се од ДУИ и од СДСМ и еден од ДПА.

СДСМ реагираше дека не е соодветен бројот на членови и предлогот Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ да биде претседател на Комисијата поради што поднесе тужба до Управниот суд за оспорување на Комисијата.

Комисијата има рок до понеделник да подготви финален извештај што потоа треба да го образложи на пленарна седница во Собранието.

СДСМ ја иницираше постапката за импичмент на 13 април, ден по одлуката на претседателот Иванов за помилување 56 лица. На 27 мај тој ја повлече аболицијата за, како што наведе, 22 политички експонирани лица. Иванов ги упати преостанатите 34 лица кои не сакаат да бидат помилувани, да си поднесат барање за поништување на одлуките кои се однесуваат на нив.

Кабинетот на Иванов вчера соопшти дека дотогаш нема пристигнато ниту едно барање за поништување на помилување од лицата чии помилувања не беа опфатени со новата одлука на претседателот.

Евентуалната одлука за почнување постапка пред Уставниот суд за утврдување на одговорноста на Иванов треба да ја донесат најмалку 82 пратеници во Собранието на Македонија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top