| четврток, 6 декември 2018 |

Центарот за јавно здравје потврди: Шарлах се шири во градинките!

Родителите се во паника, но епидемиолозите од Скопскиот центар за јавно здравје ја смируваат тензичната состојба, бидејќи според нив шарлахот го има во овој период од годината, но оваа пролет има помалку заболени од минатите години, објави „Вечер“.

Родителите чии деца посетуваат градинки деновиве се во паника поради појавата на заразното заболување скарлантина (шарлах). Тие стравуваат за нивните деца кои одат во градинка да не се заразат со ова сериозно стрептококно заболување кое се лекува подолго, особено ако настанат компликации. Но епидемиолозите од Скопскиот центар за јавно здравје ја смируваат тензичната состојба и велат дека се работи за шпекулација околу бројот на заболените, бидејќи според нивната евиденција мал е бројот на дечиња што во моментов се болни од скарлантина. Според нив нема место за паника оти тоа е вообичаено за овој период од годината, иако оваа пролет има помалку заболени од минатите години. Во Центарот месечно имаат пријави за неколку случаи на шарлах, а по пријава од конкретна градинка, епидемиолозите одат на увид и земаат микробиолошки брисови од сите деца во групата каде што има заболено дете. Надлежните лица од скопските градинки каде што има заболени деца тврдат дека ги преземаат сите мерки за да се спречи ширењето на болеста. Според нив секојдневно се дезинфицира приборот што се користи во исхраната на децата, но и играчките со кои што тие си играат. Покрај редовните дезинфекции се практикува која ќе се појави случај на заразно заболување да се изврши и вонредна дезинфекција. Тие истовремено апелираат кон родителите доколку нивните децата се бацилоносители да не посетуваат градинка и задолжително да се лекуваат. Од Центарот за јавно здравје потврдуваат дека директорката на градинката во Маџари деновиве го пријавила првиот случај на заболено дете од скарлантина. ­ Поради тоа покрај редовната дезинфекција направена е дополнителна, така што нема место за паника ­ вели д­р Билјана Данаиловска епидемиолог и потенцира дека децата може и од друго место да се инфицираат ­ кога се возат во автобус, кога одат на гости, дури и од кус престој во лифт, ако се најдат во близина на заболен. Според неа децата не можат да се чуваат во стерилни услови, тие се движат на различни места, се гушкаат со баби и дедовци и други, па неможе да се знае од каде се заразени, но така ќе се гради имунитетот. Таа препорачува задолжително лекување на болните деца, а потоа да посетуваат градинка.

Според епидемиолозите, шарлахот е инфективно заболување предизвикано од бактеријата стрептокока. Првите знаци на болеста се јавуваат како ангина, пациентот има покачена температура, а се појавува и ситнозрнест осип по телото. Осипот најчесто се губи за три до пет дена, а потоа кожата почнува да се лупи. Оваа заразна болест најчесто се јавува во зимските месеци и тоа во ноември и декември, кај помладата популација. Болеста се пренесува преку воздухот, а директно на удар се ждрелото и крајниците, но и секоја отворена рана. Инкубацијата трае од три до пет дена. Епидемиолозите велат дека за разлика од порано, шарлахот се третира со соодветна антибиотска терапија која дава успешни резултати. Доколку лекувањето се комплицира, критични се третата и шестата недела.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top