Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, кој се одржува во рамки на бугарското претседателство и одбележувањето на дваесетгодишнината од иницијативата, јави МИА.
Самитот насловен „ПСЈИЕ – 20 години клуч кон регионална соработка“ е всушност последниот настан што се организира во рамки на бугарското претседателство со ПСЈИЕ, кое од денеска го презема Хрватска. На овој голем регионален собир ќе учествува и македонскиот министер за надворешни работи Никола Поповски, јави известувачот на МИА од бугарскиот главен град.
Претседателот Иванов, како што е предвидено, ќе има обраќање во кое се очекува да ја реафирмира позицијата на Република Македонија, која и понатаму останува активен и конструктивен партнер во регионалното опкружување и дека е силно посветена на промоција на принципите на добрососедство и помирување во регионот. Македонија се залага за продлабочена регионална соработка, поврзување на регионот преку развивање и модернизација на инфраструктурата што би поттикнало зголемен економски развој, трговија и привлекување странски инвестиции.
На самитот, чиј домаќин е бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, најавено е учество и на претседателите на Црна Гора Филип Вујановиќ, на Албанија Бујар Нишани, на Косово Хашим Тачи, на Молдавија Николае Тимофти, претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина Бакир Изетбеговиќ, премиерот на Романија Дацијан Циолош, заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи на Словенија Карл Ерјавец, генералниот секретар на ОБСЕ Ламберто Заниер и на генералниот секретар на Советот за регионална соработка Горан Свилановиќ.
Земјите членки на Процесот се очекува да усвојат јубилејна декларација по повод дваесетгодишнината, која треба да ја отслика улогата на ПСЈИЕ како клучен политички формат за одржливо партнерство во Југоисточна Европа и водечка платформа за европска и евроатлантска интеграција.
Лидерите од регионот ќе разменат мислења за регионални прашања, за демократијата, за безбедноста, за миграцијата, за енергетската сигурност, евроатлантската интеграција, а ќе биде отворена и изложба на фотографии – „20 години ПСЈИЕ“.
Според бугарските медиуми, на настанот му се дава особено заначење и за него се акредитирани 180 новинари од 10 држави.
Формирањето на ПСЈИЕ се случи во Софија во 1996 година, кога е усвоена Декларација за добрососедски односи, стабилност, сигурност и соработка на Балканот.
Претходно утрово македонскиот претседател Иванов ќе има средба со бугарскиот премиер Бојко Борисов, а вчера доцна попладнето имаше средба и со својот домаќин – бугарскиот претседател Росен Плевнелиев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Претседателот Иванов на Климатскиот самит во Катовице
-
Кабинет на Иванов: Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството коешто го нуди на македонскиот народ
-
Кабинет на Иванов: Владата самата да се запраша зошто е исвиркана
-
Претседателот Иванов со порака до граѓаните: На Илинден сите дојдете на Мечкин Камен во Крушево