| четврток, 6 декември 2018 |

Вечерва со „Аида“ завршуваат 44. Мајски оперски вечери

Во Македонската опера и балет, традиционално за затворање на Мајските оперски вечери, на 31 мај, со почеток во 20 часот, ќе биде изведена оперската претстава „Аида“ од Џузепе Верди. Традицијата продолжува и со интернационалната солистичка екипа што ќе настапи во познатата опера.

Операта „Аида“ носи величествена церемонијалност и големо изобилство од мелодии, кои ја возвишуваат трогателната приказна за забранетата љубов меѓу еден генерал и една робинка во Стариот Египет. Најграндиозната од сите опери, „Аида“ воедно е и длабоко лична приказна, каде што кулминира страста во емоциите.

Во насловната улога настапува македонската првенка Весна Ѓиновска-Илкова, додека како Амнерис настапува Дина Хамзина од Казахстан, Радамес е Рубенс Пелицари од Италија, Рамфис е Игор Дурловски, Амонасро е Марјан Јовановски, Фараонот е Кацухиро Котецу од Јапонија, во улогата на Големата свештеничка настапува Надежда Рубен, додека Гласник е Марјан Николовски.

Режисер на изведбата на „Аида“ е Дејан Прошев, а диригент е Иво Липановиќ од Хрватска, известија од Македонската опера и балет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top