Српскиот претседател Томислав Николиќ денеска изјави дека повторно ќе се кандидара на претседателските избори што ќе се одржат следната година, а лидерот на владеачката Српска напредна партија (СНП) и премиер Александар Вучиќ ќе каже кого поддржува кога за тоа ќе дојде времето, јавија весниците „Политика“ и „Данас“.
-Претседателските избори никогаш не биле важна тема една година пред изборите, освен ако јас не бидам кандидат на СНП и не победам, а Вучиќ остане без својата главна поддршка. И може да дојде претседател кој може да е во конфликт со него. Дали тоа ќе биде добро за Србија?. Тоа ќе доведе до антагонизам, изјави Николиќ за вчерашниот број на весникот „Политика“.
Николиќ кажа и дека „има мислење“ за тоа кој треба да влезе во новата српска Влада, но тоа најверијатно се разликува од преовладувачкото мислење.
-Одлуката за тоа, меѓутоа, треба да ја соопшти лидерот на СНП, додаде претседателот.
За консултациите со претставниците на политичките партии, кои се оддржаа минатата недела, Николиќ кажа дека од нив „не слушнал ништо што може да ја пресврти ситуацијата во Србија на многу подобро“.
Тој додаде дека само ја почитувал својата уставна обврска „бидејќи веќе е јасно кој го има мнозинството во Парламентот“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.