| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски на 40-годишнина на најсилната европска политичка партија во Луксембург

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска во Луксембург ќе присуствува на одбележувањето на 40-годишнината од постоењето на Европската народна партија (ЕПП), најсилната политичка структура во Европа.

Gruevski-SPP

Заедно со германската канцеларка Ангела Меркел, со лидерската двојка на Европската унија, Жан-Клод Јункер и Доналд Туск, еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, 50-тина европратеници, како и дузина други претседатели на држави и влади од демо-христијанската политичка опција на „стариот континент“, Груевски денеска на покана на ЕПП ќе биде дел од големиот настан заедно со европската и светска политичка елита.

Како што е познато, ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во македонскиот Парламент со идеологија десно од центарот, долго време е сестринска партија на ЕПП и ја ужива поддршката на најбројната политичка партија во Европскиот парламент.

Според програмата на Европска народна партија, денеска во Луксембург најпрво ќе се одржи состанок на претседателството на ЕПП и Политичко собрание на кое ќе присуствува Никола Груевски заедно со пратеникот Владимир Ѓорчев. За вечерва е закажан свечениот дел од прославата на 40 години од постоењето на европските демо-христијани и дебата на темата „Иднината на Европа“ каде заедно со Меркел, Туск, Јункер, Хан, Орбан, Мицотакис и другите европски лидери ќе учествува и поранешниот македонски премиер Никола Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top