| четврток, 6 декември 2018 |

Промашувања со умисла

 

Ацо Станковски

Ацо Станковски

Гледајќи веќе цела една декада, како примитивизмот во државава сѐ повеќе и повеќе расте и почнува да добива некакви фатумски конотации, човек не може, а да не се чуди.

Не дека овој примитивизам е нешто ново, во, и онака скормната, македонска нововековна култура, трауматизирана од безмислосната политика на локалните и глобалните сили, од нивниот бескрупулозен колонијализам и геноциди. Тој ужасен историски стрес на македонскиот народ резултирал со културна ретардација во однос на европското совремие и неговата култура, и споредена со постмодерните западни култури делува примитивно. Колку одиме поназад во времето, таа култура изгледа попримитивно и попримитивно, но во неа има една нишка на почит и желба за надградба. Ова го гледаме и во преродбата од 19 век и во времето на европеизацијата на македонскиот простор, по Балканските војни, и потоа, и во времето на социјализмот, но и во почетниот период на историјата на македонската самостојна држава. Затоа овој културен примитивизам делува топло и шармантно.

Но овој примитивизам, што денес го гледаме по улиците на Скопје, нема ништо симпатично во себеси. Напротив, делува насилно, снобовски, суетно, вулгарно и невоспитано. Единствен пандан во совремниот свет на овие шатро-револуционери, по концептот на уништувањето и степетот на негативната енеригја, што ја внесуваат во своите „борбени“ стратегии, денес се припадниците на исламскиот калифат.

Некои цинично би приметиле, дека шлапање боја по фасадите и нивно дигање во воздух со динамит, не е иста работа. Со мандаринска смиреност ќе им одговорам – дека отсуството од сила и контрола на теренот кај шарениве зевзеци ги сведува нивните акции на боја, но нивните вистински намери, кои сѐ уште се само пуста желба, всушност, остануваат багерите и динамитот.

Впрочем, нивните шатро-револуционерни идеолози им ги подгреваа безумните акции со разурнувачки визии од епски пропорции, промовирајќи го концептот на „граунд зиро“ – како финално решение за проектот „Скопје 2014“.

И тоа дојде од некои фрустрирани архитекти, градители или, можеби, некаде длабоко во себе – рушители. Зошто ужасно неетичко дејание е да се уништува нешто, што некој друг го создал, а посебно ова се однесува на уметноста.

Уште од времето на Херострат, кој го запали Артемидиниот храм со единствена цел да стане славен и да биде запамтен во историјата на неговата култура, уништувањето на културните и уметничките вредности станува показател за длабока ментална попреченост. Епизодите на варварските и вандалските деструкции станаа синоним за дивјаштво и примитивизам од најдолна категорија. Цивилизацијата ги поентира овие случувања во историјата како негативни, ужасни и непожелни.

Во етичка смисла, страшно е злосторството кое се врши врз некое дело, во кое бил вграден голем труд и голема вдахновеност. Без оглед на резултатите, може делото да ви се допаѓа или не, но мора да постои некој минимум на почит кон ентузијазмот на уметникот. Конечно, многу е мало растојанието помеѓу ваквата агресија и онаа, која за цел на своето уништување ќе одбере живи луѓе.

Ова меко транзитирање, кое се врши со неочекувана леснотија и со шокантна упорност, е токму асортиманот на спектакли, што ги продуцираат фанатиците од калифатот исамски, час дигајќи во воздух антички градови, како Палмира во Сирија, на пример, или оние велелепни скулптури на Буда во Тора Бора – во талибанска продукција, час она монструозно сечење на глави на разноразни несреќници, што со предумисла или случајно се нашле на нивната територија.

Не случајно, помеѓу фарбачите со катапулти, од кои фрлаат презервативи полни со боја и поклониците на ИСИЛ, има нескриена симпатија и соработка. „Сега – боја, а потоа глави“ – за секого има работа, според преференците и стилот.

Удирањето по архитектурата и уметноста е само супститут за неможноста да се удира по живи луѓе. Доколку им се пружи можност да воспостават сила врз општествената заедница, брзо фасадите и скулптурите ќе бидат заменети со масакри врз граѓаните, кои не мислат како нив.

И овој начин на однесување е веќе историски верифициран, преку стравотното искуство со формите на екстремниот тоталитаризам, кои продефилираа низ простор-времето во разни култури.

Болшевиците минираа цркви и уништуваа сѐ, што е монархистичко и буржоаско, а по таа фаза почнаа со екстерминација на сомнителните. Нацизмот пројде низ истото искуство, палејќи книги и уметнички дела, што ги сметаа за штетни по културата на илјадалетниот Рајх, а потоа пристапија кон дизајнирањето на досега најсовршениот систем за масовно уништување на луѓе. Во комунистичка Кина за времето на Мао, луѓето гинеа како инсекти, откако претходно беше извршена стриктна селекција на полезната и штетна култура.

Вакви примери има многу и сите го следат истиот патерн. Во еден момент, не е можно да се закочи во состојба на волку ескалирен негативитет и брзо можат да се случат трагични собитија.

Сепак, со толку многу долари, шарениве можеа да бидат покреативни. Можеа, всушност, на некоја ледина да направат реплики на омразените објекти и да ги плескаат со боја. На тој начин ќе создадеа нови уметнички дела со критички контекст кон „режимот“ и ќе освоеа многу повеќе наклонетост од граѓаните.

Но на ваков начин, многу помалку пари ќе завршеа во нивните џебови. А тоа е нивната главна цел, да ги наполнат своите дисаѓи со финансиски средства и весело да се глупираат со нивната идиотска бессловесност, глумејќи револуционери.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top