| четврток, 6 декември 2018 |

Најдобриот Мајкрософт офис специјалист ќе патува на светскиот натпревар во Орландо

Министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска денеска го отвори првиот Национален натпревар за Мајкрософт офис специјалист, организиран од Сертиадриа и Мајкрософт Македонија.

Натпреварувачите, на возраст меѓу 13 и 22 години имаа можност да ги покажат своите вештини во познавање на Microsoft Office апликациите Microsoft Word, Excel® и PowerPoint. Македонија прв пат учествува на натпревар од светски рамки, покажувајќи ја подготвеноста и компјутерските вештини на учениците од основните, средните училишта и студентите. 

– Дигиталните вештини се на второ место на најбараните вештини кога еден кандидат се пријавува на оглас за работно место. Да се биде дигитално писмен значи исто и како да се биде традиционално писмен, односно да се знае да се чита и пишува. Во тој контекст многу е важно да се промовира дигиталната писменост меѓу најмладите во Република Македонија и овој натпревар којшто се одржува денеска има за цел, да ги пронајде младите луѓе кои се талентирани, да ги избере најдобрите и понатаму да обезбеди нивно учество на светскиот натпревар кој ќе се одржи во САД, рече Арсовска Томовска.

Таа посочи дека Владата на Република Македонија ја поддржува оваа и многу други иницијативи и помага со обезбедување широк спектар на стипендии од областа на информатиката и компјутерските науки, со цел младите од најмали нозе да ги користат компјутерите, но и да научат програмирање .

Вкупно 1.430 кандидати од цела Македонија , во периодот од ноември 2015 до мај 2016, полагаа 1960 тестови за Word, Excel, PowerPoint од MS Office 2010 и 2013. Оние кои ги положија тестовите се стекнаа со глобално признаени сертификати.

Рангирани според највисоките резултати, денеска се натпреваруваа најдобрите 45 учесници од нив. Најдобриот натпреварувач ќе ја претставува Македонија на светскиот натпревар заМајкрософт офис специјалист, што ќе се одржи во Орландо САД, во август.

Мајкрософт офис специјалист (MOS – Microsoft Office Specialist) е еден од најполаганите водечки ИТ сертификати во светот, со повеќе од милион положени испити годишно, во 140 земји во светот.

– Секое знаење заслужува да биде признаено, но и потврдено со соодветна диплома. Нашата цел е да ги поттикнеме младите луѓе да покажат дека знаат, но и да го валоризираат своето знаење преку стекнување на сертификат препознаен и признаен секаде во светот, кој во образовната и бизнис заедница е единствен валиден доказ за поседување на компјутерски вештини. Одржувањето на ваков тип натпревари е само дополнителна можност за нашите ученици, да ги одмерат своите сили на светско ниво, а нивното знаење да биде наградено со патување во Орландо, Флорида, изјави Валентина Тасева, претставник на Сертиадриа и генерален менаџер на Семос Едукација.

Финалниот натпревар се одржува во i-bank store на Стопанска банка АД – Скопје, која целосно ќе ја обезбеди главната награда: патување на светскиот натпревар во Орландо Флорида на победникот кој ќе ја понесе титулата Мајкрософт офис специјалист на Македонија.

– Во економијата на знаење, луѓето во Македонија претставуваат нејзин најголем ресурс. Нив мора да им се даде пристап до стекнување на вештини за да  ги користат можностите на информатичките и комуникациски технологии (ИКТ). Без овие вештини, луѓето имаат поголеми потешкотии за да најдат вработување. Основните ИТ вештини се пасош за нови можности за милиони граѓани и претставуваат структурен елемент за привлекување на инвестиции, иновации и отварање на нови работни места во глобалната економија, вели Љупчо Георгиев, генерален менаџер на Мајкрософт Македонија.

Од јануари 2016 година и Град Скопје стана партнер во организирањето и спроведувањето на првиот националниот натпревар за Мајкрософт офис специјалист, на тој начин што ги поддржа најдобрите 500 ученици од сите средни училишта кои се во негова надлежност, овозможувајќи им бесплатно полагање на официјален Мајкрософт офис испит. Покрај Сертиадрија, Мајкрософт Македонија, Стопанска банка и Град Скопје, националниот натпревар е поддржан и од Здружението на информатичари на Македонија, Општина Струмица и Семос едукација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top