Според последните податоци со кои располагаме, во 2008 година од рак починале 2.788 лица, а во 2012 година таа бројка изнесува 4.625. Тоа воедно е и последниот податок што ние го имаме за бројот на починати од оваа болест. Нашата држава е на второ место во југоисточна Европа по стапката на смртност од рак (2.788), а трета во Европа. Во 2012 година бројот на новозаболени од сите видови рак изнесува 7.330 болни, вели Биба Додева, претседателка на Алијансата за пациентски организации
Македонија е на трето место во Европа по стапката на смртност од малигни заболувања. Податоците покажуваат дека ракот на белите дробови е најфатален за мажите, а ракот на дојка за жените. Во последните 12 години во Македонија стапката на смртност од рак е зголемена за девет проценти, а бројот на новозаболени е во постојан пораст паралелно со зголемувањето на смртноста. Подобрување на превенцијата, пристап до рана дијагностика и зголемување на стапката на преживување од рак се само дел од очекувањата на Декларацијата што ја донесе Алијансата на пациентски организации (АПО).
– Целите на Алијансата се овозможување достапност за лечење, подобрување на условите за лечење и подобрување на квалитетот на живот на пациентите – вели Биба Додева, претседателка на АПО.
АПО, составена од здруженијата „Борка“, „Животна искра“, „Живот со предизвици“ и „Хепар центар“, објави Декларација за прогласување година на ракот како дел од проектот „Продолжи ми го животот“.
Зошто решивте да ја објавите Декларацијата за прогласување година на ракот во Македонија? Колку е алармантна состојбата во Македонија?
ДОДЕВА: Декларацијата за прогласување година на ракот во Македонија е објавена со цел да се даде приоритет на ракот во Република Македонија, креирање нова здравствена политика и воведување Национална стратегија за контрола на ракот, со што би се постигнало намалување на прераната смрт од рак, подобрување на квалитетот на живот на болните од рак и зголемување на стапката на преживување од рак во Македонија. Земајќи предвид дека смртноста од рак е во константен пораст, состојбата е прилично алармантна.
Кој ја сочинува Алијансата на пациентски организации?
ДОДЕВА: Алијансата на пациентски организации е невладино и непартиски тело кое е ориентирано кон сите пациенти во Република Македонија и претставува голем чекор напред во здравствената политика на нашата држава. Таа претставува сублимат од
повеќе граѓански организации кои заеднички ќе работат на оваа тема и кои заеднички ќе придонесат во развојот на граѓанското општество во насока на реализирање активности насочени кон доброто владеење и создавање општествени промени, со посебен акцент на промени во здравствениот систем на нашата држава. Алијансата ја сочинуваат: Здружение за борба против рак „БОРКА – за секој нов ден“ од Скопје, Здружение „Животна искра“ од Скопје, Здружение за заштита на правата на болните од малигни заболувања и нивните семејства „Пеперутка“ од Скопје, Здружение на граѓани со ретки болести „Живот со предизвици“ од Битола, Здружение на граѓани за превенција и заштита на заболените од хепатит, ХИВ и други заразнопреносливи вируси „Хепар центар“ од Битола. Упатуваме повик до сите здруженија и организации што дејствуваат на полето на здравството и здравствената заштита да се приклучат кон Алијансата за уште повеќе да се зајакне заедничкиот глас на пациентите.
Кои се целите што сакате да ги постигнете со формирањето на Алијансата?
ДОДЕВА: Целите на Алијансата се овозможување достапност за лекување, подобрување на условите за лекување и подобрување на квалитетот на живот на пациентите. Потоа, развој, унапредување и учество на граѓанскиот сектор во донесувањето и контролата на здравствениот систем на Македонија заради заштита на правата на пациентите што боледуваат од различни видови болести, вклучување претставници од пациентските организации во донесувањето и контролата на здравствениот систем на Р.М. заради овозможување достапност за лекување, подобрување на условите за лекување и подобрување на квалитетот на живот на пациентите. Воведување на принципот -рамноправно тристрано партнерство за соработка меѓу државните органи, организациите на медицинските работници и пациентските здруженија во планирање, изработка и примена на стратегии, критериуми, норми, политика и практика во системот на здравствена заштита во Македонија и заштита на пациентските права и потреби. Развој и утврдување на личните норми и правила на работа на пациентските здруженија, како и нивното заемно дејствување со институциите, медиумите и општеството, заради унапредување и подобрување на животот и правата на пациентите што боледуваат од разни болести.
На кое место е Македонија според стапката на смртност од рак во Европа?
ДОДЕВА: Земајќи предвид дека во Македонија нема официјални податоци за инциденција, преваленција и морталитет, ние користиме податоци од Светската здравствена организација (СЗО) и од Агенцијата за истражување на ракот (ИАРЦ). Ниту Институтот за јавно здравје ниту Управата за електронско здравство при Министерството за здравство ни немаат доставено статистички податоци за инциденција, преваленција и морталитет, иако им се имаме обратено писмено. Наведените институции си ги префрлаат меѓусебно одговорностите за статистичките податоци, што е крајно неодговорно од нивна страна. Според последните податоци со кои располагаме, во 2008 година од рак починале 2.788 лица, а во 2012 година таа бројка изнесува 4.625. Тоа воедно е и последниот податок кој ние го имаме за бројот на починати од оваа болест. Нашата држава е на второ место во југоисточна Европа по стапката на смртност од рак (2.788), а трета во Европа. Во 2012 година бројот на новозаболени од сите видови рак изнесува 7.330. Во последните 12 години во Македонија стапката на смртност од рак е зголемена за девет проценти, а бројот на новозаболени е во постојан пораст паралелно со зголемувањето на смртноста.
Од кој вид канцер најмногу се умира во Македонија?
ДОДЕВА: Според податоците на СЗО и на ИАРЦ, најголема смртност во Македонија има од рак на бели дробови кај мажите, а од рак на дојка кај жените.
Има ли посебни области во земјава каде што, според статистиката, е најголем процентот на рак во Македонија и зошто е тоа така?
ДОДЕВА: Како што наведовме и претходно, немаме официјален регистар за рак во Македонија. Сепак, од досегашното искуство на сите здруженија во Алијансата, има поголем број на заболени во Свети Николе, на пример, и во југоисточна Македонија, а помал број на заболени во западна Македонија.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Република
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.