| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов ги поништи помилувањата за политичарите: Ниту еден политичар не е недопирлив, секој ќе одговара за своите постапки

3ivanov-pres

Во согласност со Законот за дополнување на Законот за помилување претседателот Ѓорге Иванов донесе одлука за поништување на одлуките за помилување – ослободување од гонење без спроведување на постапка за сите политички експонирани лица, вкупно дваесет и двајца, истакна Иванов попладнево во обраќањето до граѓаните во претседателската вила „Водно“.

Денес донесов одлука да поништам дел од одлуките и без помилуваните лица да го побараат од мене. Во согласност со законот за дополнување на Законот за помилување донесов одлука за поништување на одлуките за помилување за сите политички експонирани лица. Сите други лица, согласно законските измени, имаат можност да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување. Не сакам веќе никој да има сомнеж. Ниту еден политичар не е над законот, ниту еден политичар не е недопирлив, напротив секој ќе одговара за своите постапки, истакна Иванов.

Тој додаде дека за разлика од претходно сега имаме функционални институции кои се стабилни и можат да одговорат на предизвиците како што е бегалската криза и дека верува оти одлуката за помилување била најдобрата можност за излез од политичката криза..

Убеден сум дека без враќање на меѓусебната доверба и без помирување во која било форма, оваа криза ќе трае уште долго што не е во интерес ниту за граѓаните, ниту за државата. Како и досега така и во иднина секогаш сум подготвен да помогнам за надминување на кризата, потенцираше шефот на државата.

Тој посочи дека сите други лица кои беа помилувани на 12 април, согласно законските измени, имаат можност  да поднесат лични барања за поништување на нивните одлуки за помилување.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top