Во Струмица од 27 до 31 мај ќе се одржи 12-от Интернационален филмски фестивал „Астерфест“ под мотото „Мали приказни – голем ум“.
На фестивалот ќе бидат прикажани 21 краток игран, документарен и анимиран филм во главна конкуренција, 12 во ревијалната програма, како и четири долгометражни филмови од 17 држави од светот.
Годинешни лауреати се словенечкиот актер и сценарист Борис Каваца, кој ќе добие Специјално признание за високи достигнувања во филмската уметност, и германскиот сценарист, режисер и продуцент Вајт Хелмер, кому ќе му биде врачена наградата „Астер“ за високи достигнувања во светскиот филм.
Селекторот на компетитивната филмска програма Атанас Чуповски истакна дека квалитетот на пристигнатите филмови за селекција за годишново издание на „Астерфест“ бил импресивен, и тоа во сите категории, и во категориите на документарен и анимиран филм, а особено во категоријата на краткометражен игран филм.
– Во поглед на застапеноста на националните кинематографии, во официјалната селекција на ова издание влегоа филмови претежно од европска продукција: шпанска, португалска, француска, италијанска, ирска, финска, полска, украинска, руска, српска, грчка и се разбира, македонска, но и филмови од САД, Канада, Чиле, Иран. Во годишнава селекција ги имаме и двата добитника на Оскар и еден номиниран за наградата, рече Чуповски.
За Златната, Сребрената и Бронзената потковица, за Старозлатниот проектор, како и за наградите „Ѓорги Абаџиев“ и „Ацо Алексов“ ќе се натпреваруваат кратките филмови: „Пелтек“ на Бенџамин Клири, „Должност„ на Ангел Манзано, „Никулец“ на Барни Фрајдман, „Син“ на Филип Сотниченко, „Сосњдот од горниот кат“ на Поја Бадкобех, „Сипаници“ на Фулвио Рисулео, „Кавалче“ на Панајотис Краварис, „Погребален тим 12“ на Дејвид Дарг, „Низ прозорското окно“ на Девн Вестлејк, „Милји да поминам пред да заспијам“ на Хана Ховит, „Корените на слото“ на Желимир Гвардиол, „Осветлена темнина“ на Арсим Фазлија, „Опсег на можности“ на Кристина Пичи, „Циркус Дебре Беран“на Лукас Бергер, „Приказна на мечето“ на Габриел Осорио Варгас, „Човекот што не сакаше да умре“ на Гоце Цветановски, „Кружно патување на Марето“ на Жарко Иванов, „Цртежи на карпи“ на Енрико Диего, „Маѓепсаниот Гучо“ на Дарија Копиец, „Будалиот Џек“на Алексеј Черногоров и „Патување пеш“ на Крис Кембе.
Во ревијалната ретроспективна програма ќе се прикажат филмови од македонски автори: „Девојката што паѓа“ на Владимир Лукаш, „Сам“ на Тања Симоновска, „Последни чекори“ на Стефан Сидовски, „Незрели цреши“ на Небојша Јовановиќ, „Карма“ на Владимир Митревски и „ШШШТ… запеј ми“ на Андреј Волкашин.
Програмата Мувиленд ќе биде посветена на современите кратки филмови од Израел, а селекторот Влатко Галевски ги одбра филмовите „Нешто многу мало“, „Мили Боже“ „Ниоша“, „Јалова“ и „Цреши“ за кои посочи дека се дел од израелската моќна продукција на краток филм во која учествуваат не само студентите и нивните експерименти туку врвни и етаблирани израелски режисери.
Како куриозитет ќе биде прикажан филмот ЖЕД на Димитрие Османли, во реставрирана и дигитализирана верзија од Кинотеката на Македонија, стои во официјалната програма.
За лауреатите Хелмер и Каваца се предвидени традиционалните Астер портрети и Тивериополски беседи во манастирот во Велјуса. Во рамки на Фестивалот ќе биде одржана и мала работилница со Матеј и Русомир Богдановски на тема „Стрипот и филмот“.
Сите филмски проекции се одржуваат во НУЦК „Антон Панов“, а фестивалот е финансиски поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија и од Општина Струмица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Филмот „Очите на фотографката“ ќе го отвори третото издание на фестивалот „Богородичен покров“
-
Прв фестивал на нов европски филм: „Beach film festival“ на плажата „Оревче“ од 19-22 јули
-
Хироказу Коре- Еда ја освои „Златната палма“ на Канскиот фестивал
-
Филмот „Види ја ти неа“ во официјална програма на фестивалот во Клермон, Франција