Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ (29-31 мај) и организаторот, издавачката куќа „Икона“ објавија дека добитник на наградата „Прозарт“ за 2016 година е вистинската книжевна ѕвезда од овие простори и најпреведуваниот современ бугарски прозен автор – Георги Господинов.
Писателот на 31 мај во Даут пашин амам ќе ја прими наградата која фестивалот му ја доделува за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот.
– Георги Господинов е најпреведуван современ бугарски прозаист со бројни афирмативни критики од познати европски и американски проследувачи на литературата, за своите три прозни дела: „Природен роман“, „И други приказни“ и „Физика на тагата“. Уште од своите студентски денови со својот особен раскажувачки глас, автентичен стил на раскажување и необично откачена духовитост, се наметна како исклучително име на новата бугарска литература. Освен бројните книжевни признанија, тој многу брзо добива и голем број приврзани читатели во Европа и САД, а меѓу нив и голем број почитувачи во Македонија – вели уметничкиот директор на „ПРО-ЗА Балкан“, Александар Прокопиев.
Последна преведена книга од Господинов на македонски е „Физика на тагата“ во превод на македонски јазик на Душко Крстевски а во издание на „Или-Или“.
Фестивалот има чест да го претстави и претставникот од Македонија на овогодишното издание – академик Луан Старова, чиј најнов роман „Враќањето на козите“ беше објавен неодамна а се работи за своевидно продолжение на „Времето на козите“, дело кое досега e преведено на повеќе од дваесет јазици.
На фестивалот повторно доаѓа големиот пријател на Македонија, писател, професор, уредник, долгогодишен претседател на жирито за доделување на наградата „Виленица“ на истоимениот фестивал – Андреј Блатник од Словенија.
Блатник е објавен со дела кај повеќе македонски издавачи како „Матица македонска“, „Икона“, „Евро-Балкан“… Последната објава на негово дело на македонски јазик се случи неодамна – „Пишување на кратки раскази“ во превод на Драгана Ефтимова а во издание на „Икона“.
Од Турција доаѓа една од најпопуларните млади писателки Асли Перкер, чии дела се продаваат во тиражи од стотици илјади. Делата на Перкер се преведени на над 20 јазици, а издавач во Македонија е „Бата Прес“. На македонски јазик нејзините книги се приопштени од преведувачите Ајсан Есад и Афаф Елмради.
Српската литература оваа година е претставена со двајца гости – автентичните и бескомпромисни современи писатели Марко Видојковиќ и Звонко Карановиќ.
Нивни дела се објавени во издание на „Македонска реч“ и „Блесок“. Карановиќ е дел и од книжевната резиденција во Скопје во организација на „Готен“.
Во рамките на ПРО-ЗА Балкан, ќе се случи и „Скопје фелоушип“ програмата, на која, гости ќе бидат Џон О’Брајан, основачот на „Далки архив прес“ како и литературен агент и четири издавачи од Германија. Карактеристично за сите е што дел од нивната продукција е и литература во превод, а дел од фокусот им е и Балканот.
Гости на фестивалот, со помош на Фондацијата „Курт Волф“ ќе бидат издавачите Јерг Сандермајер од “Вербрехер”, Флориан Грундај од „Валштајн“, Рајнер Хелчл од „Опен хаус“, Севастос Самбсунис – „Гресенван“ и литературниот агент Кристине Лиштау од „Антас Биндерман Лиштау“ литературната агенција.
Поради забележителното германско учество, фестивалот на 30 мај во ЕУ инфо центарот ќе организира и тркалезна маса насловена „Независни издавачи од Германија и превод на литературата од Балканот: мапирање на реалноста“.
„Скопје фелоушип“ програма е востановена во 2014 година а целта е важните имиња од познатите фестивали и од светот на издаваштвото да се запознаат со македонската книжевна сцена, од што ќе произлезат нови преводи, гостување на писатели од Македонија во странство, промоција на литературата од Македонија но и од Балканот, вмрежување на писателите и културните работници од сферата на издаваштвото и книжевноста со колегите од Европа и светот, зголемување на видливоста на литературата од Македонија во странство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Миљенко Јерговиќ, луцидниот критичар на денешницава, добитник на наградата „Прозарт“
-
Најчитатниот автор од екс-Југославија Миљенко Јерговиќ, добитник на наградата „Прозарт“
-
Георги Господинов, добитник на наградата „Прозарт“: Најличните приказни се универзални
-
Наградата „Прозарт“ за Хрватката Даша Дрндиќ