| четврток, 6 декември 2018 |

Партизан шампион во АБА лигата

Партизан е нов шампион во АБА-лигата во кошарка, по победата над вечниот ривал Црвена звезда, вечерва, со 71-63. За „црно-белиот“ брод, кој сигурно плови на Јадранот, тоа е шести трофеј во 12. издание на популарната јадранска лига.

Со подобра игра во второто полувреме, кошаркарите на Партизан заслужено славеа  во финалето и се радуваа на нов трофеј. Тие од вечерва имаат ист број на титули, колку и остатокот од победничките екипи заедно.  Црвена Звезда имаше предност од 32-25 на полувремето, но шансата за сефте шампионска круна исчезна по лошата игра во продолжението.

Дејвис Бертанс беше креатор на пресвртот, во меч со многу набој и огромен ривалитет меѓу двата клуба. Летонецот го заврши мечот со 15 поени. Исто толку постигна и Лео Вестерман кај шампионскиот тим од Белград. Рашко Катиќ беше најефикасен на натпреварот со 19 поени. Тој им задаваше многу проблеми на одбранбените кошаркари на Партизан, но немаше подршка од соиграчите. Ракочевиќ и Нелсон постигнаа по 14 поени.

Само една минута шанса кај поразениот тим настапи  македонскиот центар Предраг Самарџиски, а не успеа да упати ниту еден удар кон противничкиот кош. Финишот на натпреварот и првото финале во Лигата меѓу вечните ривали, мина без двајцата тренери Вујошевиќ и Радоњиќ, кои беа исклучени.

За првпат во АБА-лигата сезонава играше и македонски тим. Честа за деби настап ја имаше МЗТ Скопје и одигра успешна сезона, освојувајќи го седмото место во регуларниот дел, со 14 победи и 12 порази. Финалистите Партизан и Црвена Звезда се изборија за настап во Евролигата следната сезона.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top