| четврток, 6 декември 2018 |

Честитка од Вељаноски по повод Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј

Претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко Вељаноски упати честитка по повод Денот на сесловенските просветители „Св. Кирил и Методиј“.

– Со оддавањето на почит и празнување на Светите браќа Кирил и Методиј го уважуваме едно од најзначајните дела за македонскиот народ и останатите народи да можат на свој разбирлив јазик да ги примат и шират христијанските вредности. Тие ги поставија темелите на писменоста и го одбележаа периодот на будење на словенските народи. Нивниот траен белег е врежан во севкупниот европски цивилизациски подем, а преку нивната упорност и макотрпна работа докажаа дека не постои јазик што не е доволно свет и достоен за славење на Бога. Светите браќа Кирил и Методиј преку својата делотворна работа и мисионерски походи просветлија многу народи и го надградија нивниот духовен и културен развој, стои во честитката од Вељаноски.

Наша заедничка цел, како што истакнува Вељаноски, е да продолжиме да го чуваме се она што е создадено како трајна вредност и да сме полни со верба дека имаме сила да ги победиме сите предизвици. Во чест на Светите браќа Кирил и Методиј и нашите претходни генераци имаме обврска да го чуваме идентитетот, културата и јазикот кои се вечен извор на напредок на една држава.

– Сите идни генерации нека продолжат да ја црпат неизмерната инспирација од нивниот лик и дело за благосостојба на нашата татковина, Република Македонија, додава во честитката претседателот на македонското Собрание.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top