| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов: Потребно е политичко лидерство што ќе се занимава со причините, а не со последиците на кризите

ivanov istanbul

Неопходен е континуиран ангажман во мировните процеси, што ќе овозможи трајно решавање на конфликтите. Република Македонија е подготвена да биде вклучени во процесите на градењето мир во светот, истакна македонскиот претседател Ѓорге Иванов на отворањето на Светскиот хуманитарен самит, што се одржува во Истанбул, во Организација на Обединетите нации.

Агендата за хуманост има за цел ставање крај на страдањата со кои се соочуваат милиони луѓе. Република Македонија силно ја поддржува оваа агенда и повикува на храбро политичко лидерство, порача македонскиот претседател.

Иванов посочи дека конфликтите се шират и продлабочуваат побргу отколку што се решаваат и отстрануваат.

Имаме најчесто задоцнета дијагноза со реактивни, наместо превентивни мерки, со краткорочни и болни одлуки, наместо долгорочни и побезболни решенија. Поради ова, порача шефот на државата, потребен е нов пристап кон превенцијата и мировните решенија.

Според Иванов, неопходно е навремено, кохерентно и одлучно политичко лидерство што ќе се занимава со причините, наместо со последиците на кризите.

Во своето обраќање на самитот претседателот Иванов ја поздрави одлуката на Обединетите Нации што го свика Светскиот хуманитарен самит и Турција да биде домаќин на истиот.

Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија, како земја-кандидат за членство во Европската унија се приклучува кон изјавата и позициите на ЕУ, според кои, потребно е изнаоѓање на политички решенија за актуелните конфликти, справување со драматичното непочитување на меѓународното хуманитарно право, формирање на донаторски фонд за помагање на погодените од конфликтите, како и искористување на овие фондови порационално.

На Светскиот хуманитарен самит кој за прв пат се одржува денеска и утре во Истанбул,  учествуваат околу 5.000 учесници, вклучувајќи шефови на држави и влади од шеесетина земји, лидери од кризните региони, раководни лица на меѓународните организации, претставници на приватниот бизнис сектор, како и преставници од граѓанскиот сектор. Меѓу учесниците на самитот се Генералниот секретар на Обединетите Нации, Бан Ки-мун, германскиот канцелар Ангела Меркел, претседателите на Турција, Хрватска, Албанија, Црна Гора, Украина, Реџеп Таип Ердоган, Колинда Грабар Китаровиќ, Бујар Нишани, Филип Вујановиќ, Петро Порошенко, претседавачот со босанското претседателство, Бакир Изетбеговиќ, како и премиерите на Грција, Бугарија, Холандија, Словачка, Словенија, Полска, Алексис Ципрас, Бојко Борисов, Марк Руте, Андреј Киска, Миро Церар, Беата Шидло.

Учесниците на Самитот, како што стои во соопштението од Кабинетот на Иванов, ќе се заложат за преземање иницијативи и акции во насока на поддршка на „Агендата на хуманост“, а со цел да се овозможи полесно справување и надминување на кризните состојби во светот.

Освен со домаќинот, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и gенералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун, претседателот Иванов за време на самитот ќе оствари формални и неформални средби со повеќе лидери, а ќе се обрати и на пленарната сесија на самитот.

На Специјалната сесија посветена на жените и децата во регионите зафатени со криза, во рамки на Светскиот хуманитарен самит, ќе учествува и сопругата на претседателот на Република Македонија, Маја Иванова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top