| четврток, 6 декември 2018 |

„ЗА НЕД ДО“ на Светски фестивал на боречките вештини во Грција

 Академијата за боречки вештини ЗА НЕД ДО од Битола на покана на Грчката федерација за боречки вештини и градоначалникот на општина Сер, Грција, викендов ќе настапи на десеттиот Светски фестивал на боречките вештини. Ове е прв тим од Македонија на ова натпреварување.
Македонскиот тим е составен од 36 натпреварувачи кои е предвидено да се натпреваруваат или демонстрираат во над 50 дисциплини, додека македонската делегација брои вкупно 56 члена, меѓу кои се официјални претставници на Академијата, како и родители на натпреварувачи.
– Ова е мошне интересна манифестација која веќе 10 години се организира низ светот. Оваа година е јубилеен 10 пат и на големо изненадување добивме покана токму од нашите колеги од соседна Грција, со цел да ја претставиме нашата држава. Светскиот фестивал на боречките вештини прво има промотивен карактер, самиот назив тоа го констатира, но во се останато тоа е меѓународен настан со учество од над 30 држави и тука е чист професионализам и класични борби и демонстрации на самоодбрана, изјави Златко Неделковски, шеф на македонската делегација.

Годинава оваа манифестација е во соработка на Грчката федерација за боречки вештини и градоначалникот на општина Сер. Во Сер е сместен најголемиот факултет за физичка култура и спорт во  Грција, единка од Солунскиот универзитет „Аристотел“.

– Имавме помал рок за подготовки бидејќи оваа покана од нашите колеги од Грција не изненади. Ние само што го завршивме традиционалниот годишен изборен турнир, по кој се врши селекција на најдобрите за меѓународни натпревари. Но, ние сме постојано подготвени и на поканата и на колегите и на градоначалникот на Сер за оваа манифестација која пред се има племенита цел за промоција на боречките вештини. Одговоривме со најверојатно еден од поголемите национални состави кои ќе претставуваат една од 30-тината држави таму.  Ние сме подготвени, изјави Дијана Неделковска, главен тренер на македонскиот тим и носител на титулата трократен светски шампион во екстремна самоодбрана за 2013, 2014 и 2015 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top