| четврток, 6 декември 2018 |

МОН ги поврза студентите и учениците: Студентите ќе даваат бесплатни дополнителни часови, а ќе добиваат поени за стипендија

Учениците од шесто до деветто одделение и од средното образование од септември ќе може да добиваат бесплатни дополнителни часови по одредени предмети од страна на студенти-тутори. За таа цел Министерството за образование и наука подготви „Интерактивен портал за тутори“ на кој ќе може да се пријавуваат студентите со минимум просек 8 кои ќе им даваат дополнителни часови на учениците. Родителите на учениците ќе бидат тие кои ќе избираат кој студент ќе им биде тутор на нивното дете и за кој предмет им е потребно дополнителна настава.

spiro-ristovski-2

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски истакна дека овој проект е дел од владината програма за работа во 2018 година и  периодов интензивно се работи на негова имплементација и реализација.

Тој посочи дека на „Интерактивен портал за тутори“ ќе можат да се логираат студентите кои сакаат да бидат тутори и родителите на учениците на кои им се потребни дополнителни часови.

portal

Секој студент-тутор, потребно е да исполнува одредени услови. Да е редовен студент, за што во прилог на апликацијата треба да достави писмена потврда издадена од факултетот на кој студира. По предметот или предметите за кои се пријавува да подучува, да има просек од минимум 8. Студентот е неопходно да достави препорака од еден или повеќе професори кои му предаваат по соодветниот предмет и го предлагаат како студент подобен за тутор, истакна Ристовски.

Студентите тутори ќе може да држат часови најмногу по 4 предмети, на најмногу 4 ученици по еден предмет. Часовите ќе се одржуваат во домот на ученикот или по договор во присуство на родител или старател.

Сите пристигнати апликации од студенти кои сакаат да бидат тутори, ќе бидат проверувани од посебна Комисија составена од двајца претставници од МОН , еден претставник на Бирото за развој на образованието, еден наставник од основно и еден од средно образование, еден универзитетски професор и еден психолог. Оваа комисија ќе ја носи одлуката кој пријавен студент може да дава туторска помош на учениците, рече Ристовски.

За одржување на бесплатните часови на ученици студентите ќе добиваат дополнителни 10 поени при аплицирањето за студентски стипендии.

Ристовски упати апел и ги охрабри  студентите и родителите на учениците во иднина да се пријавуваат и да земат учество во овој проект на МОН од кој сите ќе имаат придобивка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top