Во рамки на програмата на 44. Мајски оперски вечери, во Македонската опера и балет вечер ќе биде изведен современиот балет „Заспаните убавици“, според романот на Јасунари Кавабата „Куќата на заспаните убавици“.
Како што информира МОБ, се работи за ново гледање и пристап кон приказната „Заспана убавица“, која не е раскажана на традиционален начин. Приказната во прв план ги поставува односите меѓу младоста и староста, сексот, смртта, животот и сеќавањето.
– Сите овие аспекти придонесуваат кон развојот на еден жив ум. Кавабата ја нагласува способноста на човечкиот ум да фрли светлина на односот на поединецот со светот во кој егзистира. Размислувањата на ликовите за грешките во минатото најчесто се случуваат кога се наоѓаат на прагот на смртта. Тогаш очајно ја бараат таа невозможна шанса, повторно да ја зграпчат младоста, дури само за миг, и да почувствуваат една почиста егзистенција – соопшти МОБ.
Кореографијата и сценската идеја се на Саша Евтимова, костимографијата на Александар Ношпал. Балетот се игра на музика на Рихард Вагнер, Едвард Григ, Јохан Себастијан Бах, Густав Малер и Милан Димушевски.
Во балетската претстава ќе настапат Александра Мијалкова, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Марија Кичевска Шокаровска, Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Билјана Басмаџиева, Васил Чичијашвили, Бобан Ковачевски, Игор Веланоски, Јан Кисилев, Мирослав Митрашиновиќ, Агим Бафтии.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.