| четврток, 6 декември 2018 |

Косово: Синот на Ругова и уште 19 лица обвинети за продажба на Шенген визи

Обвинител од мисијата на ЕУ во Косово (Еулекс) поднесе обвиненија против 20 лица за продажба на визи за Шенген зоната за илјадници евра, се наведува  во соопштението на обвинителството.

Меѓу обвинетите е и синот на покојниот, поранешен претседател на Косово Ибрахим Ругова.

Случајот започна во февруари 2014 година, кога полицијата уапси 10 лица за продажба на визи добиени од италијанската амбасада во Приштина. Официјални претставници изјавија дека некои службеници на амбасадата може да се вмешани, а полицијата соработува со властите во Рим.

„Наводното кривично дело опфаќа период од 2011 до 2014 година и се однесува на продажба на визи за шенген зоната на ЕУ, добиени преку корупција или фалсификат”, наведува обвинителството.

Обвиненијата вклучуваат организиран криминал и шверц на мигранти.

Во 2014 година полицијата откри стотици пасоши, апликации за виза, копии на лични карти, фотографии и други документи во домот на Уке Ругова, некогашна резиденција на неговиот татко, кој ја предводеше борбата на Косово за отцепување од Србија во 1990-те години.

Косовските граѓани ќе можат да патуваат во земјите на ЕУ без визи од јули или август оваа година, но досега добивање на шенген виза беше тешко за многумина во Косово.

Полициски иследници соопштија дека клиентите плаќале од 2.700 до 3.500 евра за виза, која нормално чини 60 евра.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top