| четврток, 6 декември 2018 |

Хајндл повторно во Скопје на средби со потписниците на Договорот од Пржино

hajndal

Специјалниот пратеник на Германија за Македонија Јоханес Хајндл денеска и утре ќе престојува во Скопје на средби со потписниците на Договорот од Пржино и претставници на меѓународната заедница, соопшти германската амбасада.

„Надоврзувајќи се на неговата посета од минатата недела, aмбасадорот Хаjндл одново ќе разговара со партиите-потписнички на Договорот од Пржино, како и со претставници на меѓународната заедница. Предвидени се и разговори со претседателот на државата, Ѓорге Иванов и со претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски“, стои во соопштението.

Хајндл за време на минатонеделната прва посета на Македонија имаше средби со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на СДСМ Зоран Заев, на ДУИ Али Ахмети и на ДПА Мендух Тачи, на кои му биле пренесени нивните ставови за актуелната политичка криза и за можностите за нејзино надминување.

По дводневните средби во Скопје Хајндл не даде изјави за медиумите. Германската амбасада лиферуваше само негова пишана изјава во која наведе дека дошол во Македонија за да се запознае со ситуацијата, оти времето е кратко и потребен е заеднички напор од сите политички партии за да се спроведат потребните реформи. Истакна и дека очекува процесот за надминување на политичката криза што се одвива во координација со ЕУ и САД да вроди со плод.

Повторното доаѓање на Јоханес Хајндл во Македонија коинцидира со посетата на заменик помошникот државен секретар на САД Брајан Хојт Ји, кој исто така е во Скопје на средби со потписниците на Пржинскиот договор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top