| четврток, 6 декември 2018 |

Перо Антиќ на фајналфор ќе ја брани титулата со Олимпијакос

Македонскиот репрезентативец Перо Антиќ, повторно ќе игра на завршниот турнир за титулата во Евролигата, каде со Олимпијакос ќе го брани пехарот од лани. Во „О2“ арена во Лондон, грчкиот тим патува по вечерашниот клучен триумф од 82-72 против Анадолу Ефес, со што ја затворија серијата со 3-2 во победи.

Турците водеа во три четвртини, најмногу со 15 поени разлика, но домаќините имаа трпение, направија пресврт и ќе играат во Лондон, заедно со ЦСКА Москва, Реал Мадрид и Барселона.

Како пресудна се покажа третата четвртина, што Олимпијакос ја доби со 21-14 и целосно се врати во натпреварот. „Црвено-белите“ продолжија со фуриозна игра и во последниот период, кога го презедоа водството, а не застанаа ниту кога Ефес за момент се врати, па на четири и пол минути до крајот Турците поведоа со 67-66. Следеше  серија на актуелниот европски првак од 12-3, со што беше ставен крај на дилемите, кој од овие два тима ќе ги продолжи настапите и ќе биде дел од завршниот турнир во Лондон.

Антиќ забележа 5 поени и имаше 6 скока, со добар учинок во одбраната. Најефикасен беше Спанулис со 19 поени, а ланскиот херој на Олимпијакос во финалето со ЦСКА, Принтезис даде 15 поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top