Мажите од струмичкиот регион сѐ почесто се жртви на семејно насилство, покажува најновиот извештај на надлежните институции, пишува „Нова Македонија“.
Ако до пред две години, само еден маж се пожалил на ваков случај во Центарот за пријавување на семејно насилство во Струмица, статистиките покажуваат дека од лани состојбата значително се променила. Имено, досега годинава од вкупно 55 пријави за семејно насилство, во 20 како жртви се јавиле мажи, а лани нивниот број изнесувал 34 од вкупно 118 случаи.
Жените, како што покажува извештајот на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Струмица, и лани го сочинувале мнозинство односно тие биле жртви во точно 84 пријавени случаи во текот на 2015-та.
Вкупниот број регистрирани случаи во овој центар минатата година изнесува 118 и, според извештајот, во исто толку било и постапувано пред надлежните органи, со соодветни поднесоци за санкционирање на семејното насилство.
Во 19 од нив, се доставил и предлог до Основен суд Струмица за изрекување на привремена мерка за заштита од семејно насилство, стои во писмената информација од меѓуопштинскиот центар. Годинава од 55-те случаи за вакви мерки, предлог е доставен во седум наврати.
Она што останува непрецизирано, ако се земат предвид ланските и годинашните случаи, е тоа дали некои од регистрираните во 2015-та се повторуваат и оваа година.
Според анализите, семејното насилство како девијантно однесување е карактеристика на урбаните места, така што 80 отсто од пријавите се жители на градските средини.
За превенција, спречување и заштита од семејното насилство во струмичкиот регион, како и за спроведување на законот, меѓу другите, задолжен е Меѓуопштинскиот центар за социјални работи. Паралелно активен е и Центарот за пријавување семејно насилство, каде што жртвите на семејно насилство имаат целосна правна заштита, но не работи шелтер-центар за жртви на семејно насилство.
Засега, помошта е во пополнување на некој правен акт, поднесување пријава или тужба, или застапување од адвокат на суд и тоа бесплатно.
– Секогаш во правниот акт наведуваме жената, оти повеќето жртви се жени, да биде ослободена и од судските такси, во висина од 800 денари. Судот одлучува дали странката ќе биде ослободена од плаќање, но најчесто тоа и го одобруваат оти се работи за невработени лица што немаат имот – вели Ленче Христова од Центарот за пријавување семејно насилство.
Констатацијата на луѓето што работат со оваа проблематика е дека, во последно време сѐ повеќе жртвите се охрабруваат да го пријават семејното насилство, но, сепак, и натаму доминантни остануваат затвореноста на средината како и трпење одредено насилство во семејството поради децата, што е одлика на традиционални заедници.
– Жртвата на семејно насилство, кога ќе се јави или ќе пристигне лично во Центарот за помош од семејно насилство, за да се утврди дали е навистина жртва, мора со себе да има медицинска белешка што ќе потврди дека трпела одредено, физичко или психичко насилство. Потоа се проверува во СВР-Струмица и секогаш од страна на вработените во Центарот за пријавување се прави контакт со Меѓуопштинскиот центар за социјални работи. Трите институции заедно работат на детектирање на семејното насилство, а потоа и давање на неопходната заштита, правна и материјална – додаваат од Центарот за пријавување семејно насилство.
Токму затоа, наведуваат, дека соработката помеѓу трите институции е неопходна, за полесно откривање на случаите и понатамошно институционално постапување.
Понекогаш се случувало меѓусебно трите институции да се конфронтираат, но, како што велат, тоа е позитивна конфронтација оти се настојува на жртвите да им се помогне максимално, во границите на надлежностите.
Откако ќе се детектира и комплетира одреден случај, како што констатираат познавачите, жртвите на семејно насилство често „запаѓаат“ меѓу правните лавиринти, од кој потоа тешко излегуваат. Најчесто тие немаат покрив над глава, постојано вработување, а на суд делбата на имотот уште повеќе ја усложнува ситуацијата, од која тешко испливуваат.
Инаку, во Струмица, на седница на советот на општината е усвоена и акциската платформа, според која во еден дел за одредени активности партиципира општината со својот буџет, а во платформата се вклучени и повеќе чинители и институции, кои помагаат во борбата со семејното насилство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст